(Кон претставата „Никој никогаш не ме праша“, колективна драматургија, режија Драгана Гунин; Продукција: Youthquake, МКЦ, 10.04.2018г.)
На сцената три празни столици, купишта искината хартија и музика која треба да ни ги подготви сетилата за огромното емотивно празнење што ќе следува. Исклучително сензитивен наслов што проицира многу прашања, а притоа упатува кон сопствената потрага по она што се вика постоење. Вака некако би требало да почне рецензијата за претставата „Никој никогаш не праша“, колективно драматуршко дело и режија на Драгана Гунин, во која играат три исклучително моќни млади актерки – Емине Халил, Вирџинија Ристеска и Деа Пајазити. Овие три актерки покажуваат како ликовите на познатите писателки Вирџинија Вулф, Силвија Плат и Сара Кејн, може да се играат и од лична основа, со помош на сопствениот свет изграден во корелација со светот што упорно се обидува да им го попречи патот за понатаму.
Бидејќи приказните на трите писателки што единствено (од прво гледање) може да ги поврзе нивната огромна потреба за пишување, доминантниот машки авторитет во нивните животи (татко и/или сопруг) и самоубиството со кое го завршуваат животот, се тешки сами по себе и од еднаш, а вака мултиплицирани од три само уште повеќе ја надградуваат доминатната емоција која владее на сцената и се префрла во публиката. Претставата или трите претстави во едно, е тешка за конзумирање (монодрамата како жанр е исклучително тежок и моќен, а овде станува збор за три монодрами), но истовремено нуди силна катарза, што публиката во МКЦ, ја доживеа емотивно и го покажа тоа на крајот на претставата. Драгана Гунин направила прецизна, непосредна и чиста режија на текстот што, како во сите претстави на документарниот театар, е креиран од главните протагонистки, која се препознава во меѓусебните нивни релации, колку и да се изолирани, сепак се преплетени со емоцијата, личните приказни и товарот што една жена може да го носи, посебно ако е уметничка. Драматуршки, текстот треба да биде потсреден, да се води по една драматуршка линија, но сензитивниот пристап на актерките, посветениот однос на режијата и комплетниот театарски чин на сите учесници, придонесуваат на тоа да се гледа како доблест, не како мана.

Во театар треба да се пренесе емоција, ако ја нема, како да го нема ни театарскиот чин. Оваа претстава носи еден тон емоции – силни, лични, комплексни, преку одговорите на прашањата што сами на себе ги поставуваме и најтешко ги одговараме. Емине Халил како Вирџинија Вулф, писателката што на светот на ХХ век му покажа како е да пишуваш непосредно, лично, свое, интимно и пак да го разбираш светот, е кршливо сурова, колку и да е амбивалентна ваквата дефиниција, со трепет и прекор кон себе и светот, наративна во својата изразност, а толку блиска не само визуелно до авторката, туку повеќе емотивно, душевно, астрално. Нејзината игра треба да се третира низ знаците што режисерката ги поставила како координати низ кои егзистира со другите актерки на сцена. Силвија Плат на Вирџинија Ристеска е жена во онтолошка смисла, како што била и самата Плат, нејзината поезија е пренесена со сите театарски знаци што актерката ги има на располагање и ги доминира во текот на изведбвата. Нејзината емотивност е покриена со сликовитоста на зборовите, со кои и авторката и актерката многу умешно владеат. Тука би сакала да ја нагласам нејзината изведба во оригинал на една од најубавите песни на Силвија Плат, која во тој миг, на сцената во МКЦ звучеше како да дошла самата Силвија и нè води низ својот личен пекол. Деа Пајазити се соочи со доминантната и кршлива Сара Кејн, англиската авторка на некои од најважните претстави на современиот театар, на личен и непосреден начин. На почеток говорниот процес како да и го одземаше фокусот (сепак македонскиот и е учен јазик), за кон средината на претставата да и стане најмоќното оружје, зашто зборот го замени со емоција, посебно кога ја пееше култната Love will tear us appart на Joy Division.
Оваа претстава не е биографска претстава за животот на трите авторки, туку ова се три претстави за три животи, за три емотивни комплекси која треба да се игра, треба да се види и доживее, зашто на македонскиот театар му недостига едно искрено, сензитивно, истовремено моќно експлозивно женско писмо што оваа претстава го вади од жанрот и го претвора во универзално.
Д-р Ана Стојаноска, театролог