И митологијата може да биде модернизирана.
Кон наградената изведба на „Кралските копилиња“ на Фестивалот на античка драма „Стоби“ 2018.
Авторски проект на Сашо Димоски; во продукција на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес.
Оцена: 4/5.
Кога последен пат сте погледнале македонска претстава која храбро излегла од „кутијата“? Претпоставувам, се сетивте на неколку наслови. Kолку од нив се во продукција на национална институција? Многу малку или речиси и да ги нема. Сашо Димоски со „Кралските копилиња“ го постигнува токму тоа: со поддршка на Народниот театар од Велес, прави големо лабораториско истражување и одважно исчекорува кон пост-драмската естетика.
Преку модерни аудиовизуелни елементи, претставата (или подобро речено, мултимедијалниот перформанс) го анализира митот за кралската куќа Арг и генерацискиот трансфер на траума како животен двигател. Го гледаме кралот Агамемнон (Васил Зафирчев) како победнички се враќа дома, кај својата сопруга Клитемнестра (Кети Борисовска). Како воен плен, ја носи својата љубовница Касандра (Маја Љутков). На патот, со тешко срце ја жртвува ќерка си Ифигенија (Марија Стефановска) за што ќе биде убиен од страна на Клитемнестра и нејзиниот љубовник и негов братучед Егист (Фаик Мефаилоски). Десетина години подоцна, децата на Агамемнон (Орест – Жарко Спасовски и Електра – Талија Настова) се враќаат од прогонство и го одмаздуваат татко си преку пролевање на крвта на својата мајка, кралицата Клитемнестра и новиот крал Егист.
Оваа основна митолошка приказна е облагородена со повеќеслојна семиотика во дизајнот на звук (заслуга на Сашо Димоски и Сашко Костов) и анимираните дигитални скулптури (изработени од Данчо Стефков, Крсте Шупев и Адам Мартинакис). Како нераскинлив дел од „Кралските копилиња“, употребените симболи претпоставуваат претходни познавања на гледачите за комплетно разбирање. Пост-модерните сценски движења (режирани од Васил Зафирчев) и футуристичките костими (по дизајн на Катерина Чукниева) додаваат нова димензија на приказната – го затвораат кругот на модерната анализа на античкиот мит, со суптилни индикатори за неговата важност и во иднината.
И покрај сите овие пофалби, „Кралските копилиња“ не е совршена претстава. Иако драмскиот текст е редуциран само на неопходните реплики, вокализирањето на истите е предизвик за голем дел од ансамблот. Сепак, ова не влијаеше на некои од актерите, како Зафирчев кој ниту во милисекунда не „излезе“ од ликот на Агамемнон и Спасовски кој го толкуваше Орест со одлична гласовна прецизност. Како личен фаворит, го издвојувам Мефаилоски кој успеа да го изнесе Чаплиновиот монолог од „Големиот диктатор“ во едно сосема ново античко-модерно руво.
Сè додека имаме театарски уметници кои не се плашат да го цитираат Чаплин во античка драма и имаат јасна визија за тоа како треба да изгледа модерниот македонски театар, истиот ќе се движи напред. Од брилијантниот проект „Шумата на моето дрво“ до најновата „Кралските копилиња“, немам дилема дека Димоски, Зафирчев, Костов и нивните соработници ја имаат неопходната енергија за освежување на македонскиот театар.
Јована Ѓорѓиовска