Од премиерната изведба, 24.09.2018, 43.MOT.
Оваа недела се одржа премиерата на претставата „Д Шииит“. 45-минутната претстава е во режија на Ирем Ајдин,а во продукција и изведба на „Артопија“.
По нејзината изведба, остана чувството дека една состојка недоставува во целиот рецепт. За тоа што точно недостасува, повеќе кон крајот на рецензијава.
Прво, за насловот и сцената. На минималистички наместената сцена се среќаваме со неколку елементи: неколку вентилатори, сценски светла и еден чаршаф кој е централниот реквизит за раскажувањето на приказната. Ова укажува дека централната атмосфера треба да ја очекуваме во односот игра-реквизит. Оваа претпоставка се потврдува уште во првите секунди на претставата. Со исклучок на самите актери, чаршафот е секогаш во фокус. Истото важи и за второто значење на насловот на претставата, кое може да се толкува како „главната ствар“ или „најкул работата“. Тие се менуваат истовремено со промените во расположението на приказната. Чаршавот, пак создава впечаток дека ќе биде нешто повеќе од реквизит на моменти. Во тоа не успева целосно – бидејќи насловот на претставата создава преголеми очекувања за значењето на реквизитот.
Актерската четворка Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Ненад Митевски и Бојан Кирковски веќе има воспоставена динамика на игра. Секој од нив игра наспроти другите со сигурност. Претставата поставува темпо на брза промена на кореографија, ставови, и сцени. Актерите добро се справуваат со овој предизвик. Ако може да се забележи за нешто во нивниот настап, тоа е впечатокот дека во премиерната изведба недостига емотивна поврзаност со репликите, што е резултат на брзото темпо и краткото времетраење на претставата. Играта е искрена, но без потребната тежина за да има посилен ефект.
Што се однесува до приказната, Ајдин презентира три главни идеи, во форма на кратки приказни или вињети. За пердињата кои сите си ги фрламе на глава кога сакаме да се преправаме дека нешто не гледаме. За мигрантите, кои, за подобро или полошо, се комодифицирани во главна муниција на секоја варијанта на политички театар во последниве години. За нашата безгрижност кон претстојните општествени промени (економски, социјални, еколошки ) и катаклизмите кои веќе се случуваат. Токму тука недостига сврзното ткиво кое ќе ја изгради врската меѓу овие три идеи. Наместо тоа, тие се презентираат една по друга, во очекувања публиката сама да донесе некаков заклучок. Врската постои, но не и бил даден доволно простор за таа да ферментира и метаморфозира во нешто – повеќе.
„Артопија“ координирано „жонглираат“ со неколку приказни, но меѓу нив не се материјализира заеднички мотив и недостига емотивен набој. Соработката помеѓу Ирем Ајдин независниот театарски колектив „Артопија“ создава добра основна конструкција, но не ја надградува надвор од основниот рецепт на приказната.
Текст: Атанас Димитров
Фотографии: Стефан Сарандов