„Сонот на Вилијам“ се обидува да биде премногу работи одеднаш.

...„комплицирана за следење, дури и за возрасната публика која добро ги познава овие приказни. Неконзистентната употреба на раскажувачките реплики и промените во актерите кои го играат раскажувачот уште повеќе го комплицираат текот на настаните, затоа што така публиката губи едно од малубројните „сидра“ кои ги поврзуваат приказните.“

Осврт кон премиерата,  на 20.06.2018, во Скопје.

Режија: Кренаре Невзати, продукција: Театар за деца и младинци – Скопје.


Разговараат Атанас Димитров и Јована Ѓорѓиовска


А: Сонот на Вилијам е храбра, но и проблематична претстава.  Умешноста во тоа да се изведе колаж е во тоа секое дело да ја покрие голотијата на тие кои зјаат околу него, а колажот да е повеќе од само сумата на своите делови. За текстови кои се „свети“  како тие на Шекспир, предизвикот е уште поголем кога авторот (Кренаре Невзати) решава да го адаптира текстот во претстава за деца. Проблемот е во тоа што во овој случај, ниту колажот, ниту неговите интегрални делови не се без свои недостатоци.

 

Ј: Иако првичната замисла за колажот била сонувачко патување низ четири дела на Шекспир („Сон на летната ноќ“, „Ромео и Јулија“, „Магбет“ и „Хамлет“), на сцената гледаме „протрчување“ низ приказните, без внатрешна логика и со бледи премини од еден кон друг Шекспировски време-простор. Ова ја прави претставата комплицирана за следење, дури и за возрасната публика која добро ги познава овие приказни. Неконзистентната употреба на раскажувачките реплики и промените во актерите кои го играат раскажувачот уште повеќе го комплицираат текот на настаните, затоа што така публиката губи едно од малубројните „сидра“ кои ги поврзуваат приказните.

 

А:  Адаптацијата неочекувано и нерамномерно го менува темпото од плазење, во кас или галоп, па некои сцени траат предолго. Тоа особено се чувствува  кај трите наречници/вештерките од Сонот на летната ноќ. Додека траеше сцената, едно од децата во публиката само полутивко изјачи: Мамо, ај да си одиме дома! Мислам дека тоа прилично добро ја заокружи атмосферата која се чувствуваше кај целата публика во тој момент. Нерамномерното темпо  и немањето „сидро“ особено ги погаѓа децата. Тие најверојатно не знааат кој е Шекспир, ниту кои се приказните кои се играат пред нив, а и не треба да знаат. Детскиот театар не треба од своите гледачи да очекува да бидат запознаени со материјата која ја работи. Напротив, токму тој треба да ги запознае со неа.

 

Ослободен од бременот на стандардите на поставување на вакви дела,  авторот треба да e послободен за да ги прекршува узансите, шаблоните, наративните архетипи. Наместо тоа, Невзати се заклучува и себе и актерите во обидот да претвори четири драми во една, во нешто помалку од 1 и пол час. Тој период е предолг за да може да ја исполни целта на оваа претстава. Вака поставена, таа е превозрасна за децата, а предетска за возрасните.

 

Ј: Претставата би добила на вредност и гледливост доколку се кондензира и поедностави, со централна нишка – водилка за сите случувања која ќе биде видлива дури и за најмладите гледачи. Сличен ефект би имало и проретчување на визуелните ефекти кои се и онака тешки за следење, и „пеглање“ на деловите кои непотребно се повторуваат.

 

А: Сепак, исто како и во текстовите на Шекспир, не е се толку темно колку што изгледа. „Сонот на Вилијам“ има светли моменти на луцидност и леснотија, кога не се разбира себеси пресериозно. Ова е особено видливо кај Мартин Јорданоски, кој енергично и самоуверено ја игра улогата на заљубената Тизба, па успева барем на момент да ја извлече публиката од замајаноста. Марија Ѓорѓијовска, како и Јорданоски, одлично се снаоѓа во покомичните сцени, во ликот на Столе, чија несмасност е дотолку повеќе симпатична благодарение на нејзината игра. Уверлива е и Симона Спировска во улогата на виленикот Пак, вешто прелевајќи се од една во друга сцена без да изгуби моментум.

 

Недостатоците на „Сонот на Вилијам“ се резултат на доблесните цели на Невзати, наместо од немање на амбиција или визија. Храбра е намерата, но претставата мора да претрпи промени, пред да биде вистински гледлива и уверлива, за најмладите, а и за нас, нешто постарите.

Have your say