Селма има срце

„Андоновски промислено ја остава сцената скоро празна и го дава главниот фокус на Спировска и на Селма. „Јас, Селма“ има срце, затоа што Симона Спировска игра со срце.“

Од изведбата на „Јас, Селма“ на 20.05.2018, во МКЦ.

Режија: Милош Андоновски

Игра: Симона Спировска

Монтажа на звук: Сашко Потер Мицевски

Во монодрамата  „Јас, Селма“ , ја запознаваме Селма, која пребегнува во Македонија во последниот момент пред да се затворат границите. Срамежлива и повлечена, пелтечи кога треба да говори македонски. Во фиктивната блиска иднина во која се случува дејството, таа се запознава со актерката Симона Спировска, која треба да ѝ помогне да го научи јазикот. Низ интеракцијата на Селма со Симона, дознаваме за нејзиното минато, за третманот кој го преживува и за нејзините надежи за иднината.

Селма се среќава со неколку ликови, преку кои режисерот Милош Андоновски го портретира односот на општеството кон бегалците, воопшто. Ликовите треба да го „згуснат“ дејството и да го врамат контекстот во кој се случува. Наместо тоа, воочлив е недостатокот на драмска подлога и драматург. Дел од репликите звучат чудно, создавајќи неочекувани промени во темпото на приказната. Споредните ликови се јавуваат повеќе како фрагменти од сеќавања, па не оставаат некој посилен печат во дејството.

Наспроти овие забелешки, режисерот Андоновски промислено ја остава сцената скоро празна и го дава главниот фокус на Спировска и на Селма. „Јас, Селма“ има срце, затоа што Симона Спировска игра со срце. Во најдобрите моменти на претставата, таа искрено се соживува со човечкото во Селма,  градејќи ја од личното чувство за правда и неправда. Така вистински оживува и ликот на Селма и светот, кој го изградиле заедно со Андоновски. Кога Селма говори за своите сништа, и Спировска го прави истото. Ликот и актерката го делат истото тело и истите верувања.

Кога фокусот се менува од овој однос, претставата како да ја губи насоката – како во случајот кога течат исечоци од телефонските разговори од припремите за претставата. Во текот на претставата се подобро вградени исечоците кои најавуваат природна катастрофа  – алузија на земјотресот од 1963 година. Андоновски со нив го евоцира споменот за солидарноста, кој бледнее од година во година. Прашува како може градот изграден на тој темел толку брзо да заборави на него кога е потребен на некој друг.

„Јас Селма“ не е поставена за да комодифицира нечиво страдање во културен производ дозиран за конзумирање на гледачот. Со својата независна продукција, мал буџет и кратко времетраење подобро ја врзува публиката со судбината и човечноста на бегалците од повеќето „големи претстави“ кои ги гледавме изминативе години. И покрај недостатоците, вреди да се погледне бидејќи пренесува искрен, автентичен став.

Атанас Димитров

Have your say