Сечено, лепено, МОТирано – За блокбастерот од 1400 кадри

„Додека екипата балансира помеѓу филмот и театарот, нивната вешта синхронизација веќе станува предвидлива и досадна со секоја измината минута.“

Висок данок и висок напон, високи позиции и високи очекувања. Отворањето на Млад отворен театар 2018 им припадна на Collectif Mensuel од Белгија со претставата „Блокбастер“.

Во описот на претставата стои дека станува збор за филм-пародија, создаден со повеќе од 1400 кадри извадени од 160 холивудски филмови. Оваа масивна монтажа создава приказна која го опишува светот како место во кое високата класа го диктира квалитетот на живот на обичниот народ. Развојот на дејствието е клише борба помеѓу доброто и злото, а името на претставата е оправдување за неинвентивната драматургија зад која како автор стои Nicolas Ancion.

Светот е многу поголем од нашето секојдневие и сигурно постојат нешта кои не можеме да си ги објасниме зошто се така како што се, но уметноста секогаш наоѓа начин како да ја открие причината. „Блокбастер“ отвора интересни прашања за способноста да се дејствува во општеството и како еден човек може да влијае врз животот на многумина експлоатирајќи го изворот на својата моќ.

Мортиер е шеф кој се спротивставува на одлуката на владата да го зголеми данокот за богатите, додека негова противтежа е Корин, новинарка која пишува колумна во која открива како компаниите го избегнуваат плаќањето на данок преку офшор претставништва. Цензурирана и избркана, Корин во улога на модерен Прометеј својата реакција ја објавува на социјалните мрежи по што незадоволството на граѓаните се претвора во масовен протест против статус квото.

Пред големото платно, на кој се прикажува филмот е поставена екипата на Collectif Mensuel со сите свои инструменти и реквизити. Без театрални сценски движења, актерите го надсинхронизираат говорот и музиката врз она што публиката го гледа на платното во простор кој наликува на студио за снимање на звучни ефекти. Изведбата е одлична, координирана и во согласност со дејството што на моменти публиката заборава дека звукот се создава на лице место. Но, кога театарот толку совршено се претопува во филмот, ја губи својата смисла.

Живоста на театарот се крие во актерот и неговите движења, во емоциите кои „Блокбастер“ ги одзема од сцената и ги слика на платното. И додека екипата балансира помеѓу филмот и театарот, нивната вешта синхронизација веќе станува предвидлива и досадна со секоја измината минута. Експерименталноста во театарот е секогаш добредојдена, но често публиката сведочи неуспешни обиди за инвентивни и неконвенционални изведби. Оваа поставка го тргна фокусот од една од клетките на театарот, актерите, сведувајќи ги на интепретатори на глас.

Исечете го, залепете го и повторно монтирајте го овој свет во кој се уште живееме, човекот ќе остане ист, уметноста ќе се менува. Среќа што животот е краток затоа што се плашиме од промената и алтернативата во приказната која „Блокбастер“ ни ја нуди кога ќе ја изгубиме енергијата.  Иако можеби е клише, но на крајот од денот ќе преживее посилниот, останува да ја избереме страната за која ќе се бориме.

Ниски плати и низок напон, ниски позиции и ниски исполнувања. Овогодинешното издание на театарскиот фестивал МОТ, го отвори нем филм без класична придружба од пијано, туку одлична синхронизација од страна на белгиските актери.

Петар Антевски

Have your say