Кон „Еднаш свет изградив“, инспирирана од романот „Сидарта“ на Херман Хесе, изведена на 53тото издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Режија: Јане Спасиќ, продукција: Театар за деца и младинци – Скопје.
Оцена: 4.5/5
Како да се спакуваат една обемна егзистенцијална филозофија и универзалните шеми на семејно однесување во 90 минутно шармантно патување, допадливо за деца и младинци? Како публиката да почувствува дека времето овој пат решило да ги побие сите правила на физиката и вистински да застане, иако ликовите на сцена често ја потсетуваат дека тоа е линеарно и всушност никогаш не запира? Со „Еднаш свет изградив“, режисерот Јане Спасиќ и актерската екипа при Театарот за деца и младинци – Скопје докажуваат дека ги знаат одговорите на овие прашања, и многу повеќе. Како што вели и интригантно, а едноставно напишаниот промотивен леток: сѐ за оваа приказна е на сцената, во актерите.
Токму нивната усогласена игра е главниот стожер во претставата кој ги поврзува нишките помеѓу минатото, сегашноста и иднината, учењата на Сидарта и Буда со реалноста на семејните односи, родителската љубов со бунтовноста на нивните деца. Во вечната борба против сопствените ветерници, Сидарта (Драган Довлев) ја губи љубовта на својот живот Камала (Наташа Петровиќ) поради што мора да се грижи за својот единствен син (Ненад Митевски). Покрај основната приказна, „Еднаш свет изградив“ раскажува и за животот низ очите на малечкиот Сидарта (Михаел Стојановски), неговиот најблизок пријател Говинда (Симона Спировска), бунтовниот адолесцент (Бојан Кирковски), како и потрагата по одговор на вечните дилеми за значењето на животот и средбата со Буда.
Овие различни временски нишки се заплеткуваат и расплеткуваат во речиси секоја сцена, без притоа да и наштетат на леснотијата со која Спасиќ и актерите се движат на работ помеѓу комплексната филозофска материја, тешките семејни проблеми и оптимистичниот став кон иднината. Времепловот како драматуршка алатка е дел од режисерскиот потпис на Спасиќ, видлив и во неговите претходни остварувања („Носталгиумот на еден перфориран копиљ“, „Експеримент“). Циркуларниот тек на настани и грубо исцртаните, но недоволно обоени карактерни црти на единствениот женски лик во приказната (патем, одлично одигран од Петровиќ што ѝ донесе и награда) се единствените елементи кои гледачот го оставаат збунет и несигурен за важноста на Камала во животот на Сидарта.

Иако навидум едноставна, сценографијата (дело на Мери Батакоја) јасно става граница помеѓу детството, адолесценцијата и зрелоста на Сидарта и неговиот син. Сцената дополнително „оживува“ со вештата употреба на светлото како индикатор за промените во време-просторот (заслуга на Звездан Миљковиќ и Оливер Ставрев) и меката музичка подлога (компонирана од Дарија Андовска). Од друга страна, симболичната костимографија во нежна палета на бои (според дизајн на Бранкица Јордановска) ги потенцира односите помеѓу ликовите на сцената, користејќи модни детали кои посочуваат на различните периоди од животот на еден човек.
„Еднаш свет изградив“, како мешавина помеѓу суптилен филозофски дискурс и обработка на разрушените односи во семејството на Сидарта, е свеж и по малку ексцентричен придонес кон македонската театарска сцена. Во време кога речиси постојано се рециклираат истите театарски решенија и креативноста е сведена на ниво на безумно повторување и/или бомбардирање на сетилата на публиката, „Еднаш свет изградив“ храбро отвора низа важни прашања на начин разбирлив за младата публика.
Што е среќа? Вреди ли животот да се посвети на освојување на интелектуалните врвови или подобро е да се помине покрај замислената река во длабока медитација? Кои проблеми треба да се решат со директно соочување, а од кои треба да се спасува „жива глава“ преку бег од реалноста и блиските? Конечно, како да се остане љубопитен за животот и покрај неостварените копнежи и горчливата болка? „Еднаш свет изградив“ влева надеж за младинско будење и приближување кон филозофските/уметничките длабочини.
Јована Ѓорѓиовска