Оживување на историјата

„Умешноста на режијата се гледа и во тоа што не се двои еден главен лик, сите се свои, одигруваат сериозни ликови, а приказната тече неоптеретено, слободно, без потреба некој да ја води.“

Кон „Царство небеско-епика балканика”.

Режија: Јернеј Лоренци
Актерски ансамбл: Олга Одановиќ, Наташа Нинковиќ, Нада Шаргин, Хана Селимовиќ, Бранко Јериниќ, Никола Вујовиќ, Бојан Жировиќ, Милутин Милошевиќ, Славен Дошло.
Драматург: Матиц Старина, сценограф: Бранко Хојник, костимограф: Белинда Радуловиќ, композиторка: Кармина Шилец, кореограф и асистент режисер: Грегор Луштек.

Оцена: 4.5/5

„Царство небеско-епика балканика” во режија на Јернеј Лоренци, словенечки режисер, добитник на многу престижни награди за театарска режија и мајстор во оживување на историската тематика, е еп за битката на Косово поле, значаен дел од историјата на српскиот народ. Претставата ги спојува историјата, митот, прикажани се архетипски ликови кои ја оживуваат приказната скоро без движење по сцената речиси за време на цела претстава туку само преку говор, фацијална експресија, емоција.

Претставата, која е соработка помеѓу Београдско драмско позориште и БИТЕФ театар, се одигрува на две локации, Македонски народен театар, па по 30 минутна пауза, Младински културен центар. Актерската екипа е прецизно одбрана, имаат моќни гласови што е значајно поради наративниот карактер на претставата, се чувствува хемијата, сигурноста, што го прави изборот на режисерот правилен, а соработката успешна. На првата сцена се поставени столици, две пијана и микрофони, одличен избор кој остава на сопствената имагинација да креира сцена, да ги вметне ликовите, да создаде динамика на приказната која е предадена. Актерите пеат, свират што само ја зголемува моќта на приказната и допринесува вистински да оживеат цар Лазар, царица Милица, Вук Бранковиќ, мајката на девет синови на Југ Богдан…

Вториот дел се одигрува во кино Фросина во Младински културен центар, дел од гледачите се на самата сцена што ја прави играта поинтимна. Поставена е мала подигната сцена обиколена со клавијатури и микрофони кои актерите ги спуштаат по последната реплика на ликот. Се зборува за предавството на Вук Бранковиќ, изгубената битка, последиците. Актерите се соголуваат до крај, мајсторски пренесуваат тага, очај, трагедија во гледачите, се тоа изведено без сценографија, само глас, само поглед, само енергија. Умешноста на режијата се гледа и во тоа што не се двои еден главен лик, сите се свои, одигруваат сериозни ликови, а приказната тече неоптеретено, слободно, без потреба некој да ја води.

Неверојатно е како еден историски мотив може толку живо, толку вистински и актуелно да се прикаже, да се пронајдеш, да направиш паралела со себе, денес. Можеби говорот е на моменти тежок да се следи за македонската публика, но невозможно е да се избега од силната емоција емитирана од сцената. Епската тематика и историските мотиви го сочинуваат нашиот идентитет, ги носиме во себе и затоа би сакала да видам нешто слично со тема од нашата историја, нешто што уште повеќе би ме допрело, нешто со што уште повеќе ќе се соживеам. А и театарот е одличен медиум да им се доближат вакви сериозни теми на младите генерации, да ги визуелизираат пред себе случувањата, да бидат учесници, па дури да помирисаат крв, барут, неправда.

Вреди да се погледне ова дело, вреди да се види како може да се одглуми цел живот од статична позиција, без маска, и тоа да биде како да не бил пред публиката актер, туку цела косовска битка, и сите ликови кои ги поврзува.

Ивана Панчевска

Have your say