Кон монодрамата „Јас, Селма“ на Милош Б. Андоновски
Игра: Симона Спировска
Режија: Милош Б. Андоновски
Монтажа на звук: Сашко Потер Мицевски
Оцена: 4/5
Првенче на младиот режисер Милош Б. Андоновски, монодрамата „Јас, Селма“ е приказна за младата бегалка Селма и актерката Симона (дел од култната претстава „Нашиот клас“ како и од невладината организација Артопиа која успешно се пробива на алтернативната театарска сцена). Монодрамата е жанр кој е нетипичен за прво поставување што го прави потегот на режисерот за почеток на својата кариера да режира токму монодрама исклучително храбар, но успешен. Успешен поради тоа што приказната допира онаму каде што е наменето, во човечкото, за жал подзаборавено, кај секој гледач. Успешен поради тоа што публиката излегува од претставата со очи полни солзи и разбудена совест.
Публиката ја дочекува актерката на сцена. Од реквизити има само стол, куфер и ќебе. На самиот почеток се насетува темата, трагедијата, но и борбата, надежта. Приказната е за младата бегалка Селма и актерката Симона, нивната средба, патот на Селма од напуштањето на нападнатата Сирија, патот од војната кон запад, 9 годишното останување во Македонија, надежта која никогаш не згаснува.
Претставата е поделена во 9 дела кои прикажуваат различни моменти од животот на Селма и луѓе кои таа ги запознава по пат. Вметнати се снимени разговори по телефон помеѓу режисерот и актерката преку кои добиваме повеќе информации за спремањето на претставата и за случувањата во околината. Разговорите не се спонтани, ги глумат актерката и режисерот што малку го одвлекува вниманието од актерската игра која е издржана, емотивна, прецизна и сосема доволна. Во моментот на разговорите се губи фокусот од актерката, за момент бледее меѓусебната комуникација и размена на енергија помеѓу актерката и публиката, но таа успева да се поврзе повторно.
Симона Спировска е искрена во актерската игра, одлично го пренесува сензибилитетот на човек, на дете кое поради војна во родната земја останува без ништо, без семејство, кров над глава, детство. Ликот е добро разработен, преку изразот на лицето Симона додека ја игра Селма многу емотивно и убедливо пренесува приказна, пренесува надеж, доверба, позитива, насмевката ретко кога ја нема. Во текот на претставата Симона со леснотија влегува од еден лик во друг кој што е секој за себе автентичен, Селма, самата таа, „другарката“ на Селма (кучката) што покажува дека актерката се соживува со секој од нив и верно ги пренесува.
Крајот на 50 минутната монодрама е неочекуван режисерски потег, односно тој се вклучува од задните редови со сугестија за Симона како да ја заврши приказната за Селма што таа одбива да го направи. За момент лебди прашањето над публиката дали е крајот однапред режиран на тој начин или едноставно приказната стана реалност, приказната станавме ние?
Темата за бегалците е сеуште актуелна, поттикнува размислување, потресува. Претставата се обидува да ни покаже како тие луѓе, толку блиски покрај нас, а толку далечни можеме да биде секој од нас. Се наговестува земјотрес кој ќе се случи некаде во иднина, во „Нова Македонија“ и Симона и сите останати ликови од животот на Селма ќе станат Селма. Режисерот индиректно не става во чевлите на другиот кој во моментот пати, а сочувството и желбата за подобар свет се разгорува. Одлична е идејата и реализацијата Селма да не биде очаен лик, лик кој е на работ да се предаде туку борбена, полна радости и надеж, среќна за секој нов ден.
Приказната, актерската игра, идејата успеваат да извадат надвор од комфорот на секојдневните размислувања, успеваат да го оттргнат илузорното чувство на сигурност, освестуваат дека позицијата како да сме над сета несреќа, војни и трагедии што им се случуваат на луѓето е неочекувано променлива.
Погледнете ја да почувствувате!
Ивана Панчевска