Њутновите закони на тагата

...„детално промислена претстава која носи свежина во македонскиот театар.“

Кон „Физика на тагата“, изведена на Бела ноќ (06.10.2018) во Скопје.

Режија: Милош Андоновски, продукција: Театар Куманово.

 

1. Тела кои мируваат или се движат рамномерно праволиниски настојуваат да ја задржат таа состојба сè додека на нив не дејствува некоја надворешна сила.

Првиот Њутнов закон совршено ја опишува состојбата во македонските институционални театри – блажена инерција, сè додека некој „од надвор“ не ја промени насоката. Институционалното првенче на Милош Андоновски укажува токму на потенцијалните насоки за развој на македонскиот современ театар. Универзални теми со голема интроспективна вредност и квалитетен „превод“ на комплексниот роман на Георги Господинов во драмско четиво се сржта на „Физика на тагата“.

2. Забрзувањето на едно тело е правопропорционално со силата која дејствува на него.

Мала реинтерпретација на вториот Њутнов закон нè носи до солиден опис за претставата: трудот кој го вложил тимот е правопропорционален со квалитетот на романот „Физика на тагата“. За пофалба е умешноста со која драматургот Нелковска од клопчето потенцијални приказни на Господинов сплела нова (на моменти тешка за следење) приказна, соодветна на емпатичниот светоглед на Андоновски. Новата приказна дополнително оживува со мултифункционалните подвижни ормари (дело на Наташа Вчкова) и симпатичните демоде костими (заслуга на Марта Трендафилова).

Емпатијата на режисерот ја делат и актерите кои со жар ги отелотворуваат внимателно доделените и детално осмислените улоги. Од гротескните физичари-истражувачи на тагата, претставата полека преоѓа кон приказните за безнадежно заљубената Јулија (Нина Максимова), оптимистичниот измислувач на идеи Гаустин (Јасмина Василева), љубовницата на дедо му од воениот период во Унгарија (Кети Дончевска Илиќ) и нејзиниот син (Горан Илиќ) кои ги среќава авторот на романот (Марко Трајковиќ), за да кулминира со приказната за Минотаурот (Александра Пешевска). Симона Димковска (гостин во кумановскиот театар) е највпечатлива како д-р Георгиева – главната нишка во истражувачкиот поход кон откривање на карактеристиките на тагата.

Сите актери играат по неколку улоги и заедно нудат широка палета на искуства – од посветената и фокусирана игра на Максимова, Трајковиќ и Пешевска, преку симпатично „подмладениот“ Илиќ, сѐ до Дончевска Илиќ и Василева кои вешто нијансираат меѓу контрастни улоги. Целиот ансамбл игра во заедништво што им овозможува повремените недостатоци во глумата лесно да ги корегираат преку меѓусебна доверба и надополнување.

3. За секоја акција се јавува еднаква, но спротивна реакција (сила со иста јачина и спротивна насока).

„Физика на тагата“ ги нема стандардните елементи на драмско дејство – нема класичен тек на заплет-експозиција-расплет, ниту пак конфликт помеѓу две спротивставени страни. Од овие причини, очекувана е реакција спротивна на емпатијата – кога сме соочени со нови искуства и лавина емоции, инстинктивната реакција е отпор кон човечките судбини соголени на сцената. За среќа, Андоновски и Нелковска одлично ги темпираат преодите од еден во друг емотивен тон, секогаш во доза посилна од претходната, но без непотребно оптоварување.

Во моментите кога ќе се посомневате дека тагата од приказните ќе се „излее“ во гледалиштето, драматургот и режисерот ја „подигаат атмосферата“ преку интелектуални шеги и автореференцирање на „мртви“ претстави во кои играат актерите. Веселото расположение трае до следната приказна, кога повторно ќе ве облее тага. Единствено, избрзаниот монолог на Минотаурот на крајот на претставата не ѝ го дава неопходното време на публиката комплетно да се соживее со него.

Во целина, „Физика на тагата“ е детално промислена претстава која носи свежина во македонскиот театар. По гледањето, долго време скептично се прашував зошто Андоновски во ова време-невреме одлучил да постави претстава во која емпатијата ја игра главната улога. Си велев дека такви теми тешко проаѓаат на глобално ниво, а да не зборуваме за Македонија каде уметничките стандарди се во стрмоглав пад во последните години. Откако го прочитав романот на Господинов, совршено добро разбрав зошто режисерот не можел а да не ја сподели основната идеја за емпатија со публиката.

Начинот на кој го прави тоа со „Физика на тагата“ сведочи за зрелоста на неговото творештво и професионалноста на тимот со кој работи.

Јована Ѓорѓиовска

Have your say