Нема претстава без режисерска експликација

„Наспроти смелото фразирање на насловот, впечатокот кој претставата го остава е млак и минлив.“

Од изведбата на „Ромео и Јулија (НЕ Трагедија)“  на Битола Шекспир Фестивал

Режисер: Нурлан Асанбеков (Nurlan Asanbekov)

Академски Руски Драмски Театар – Казахстан

Насловот на претставата „Ромео и Јулија (НЕ трагедија)“  звучи како да ви најавува некоја сосема нова визија за тоа како да го читате и гледате Шекспир.  Наспроти смелото фразирање на насловот, впечатокот кој претставата го остава е млак и минлив.

Причинa за тоа е што Нурлан Асанбеков нема режисерска експликација во сопствената претстава. Таа се изведува во целост според сценариото на Шекспир, со исклучок на неколку вметнати комични моменти во сцените. Единствената екскурзија надвор од границите на сценариото е додатокот на една кратка сцена при крајот на претставата. Во неа, ликовите се прекинати од „туристи“ кои ја прекинуваат актерската игра за да се фотографираат во познатата Верона. Ова е единствената интервенција на Асанбеков во сценариото на претстава која трае повеќе од два часа. Со исклучок на нив,  секој кој што барем еднаш ја гледал „Ромео и Јулија“ најверојатно брзо ќе го изгуби трпението за оваа изведба.

 

Овој впечаток, за немањето на режисерска визија во создавањето на претставата го подржуваат и дизајнот на сценографијата  и костимите. Сценографијата е направена за да асоцира на мало градилиште, а актерите се облечени стилизирано како ѕидарски работници. Не може да се одгатне каква знаци  се тие во однос на најавената насока на обработка на текстот. Оваа „загубеност“ се познава и во начинот на кој игра трупата – извежбано, но без некој посебен жар или моќност.  На актерите кои ги играат главните ликови им недостига сценско присуство  и фокус. Играта на  Данил Хомко (Danil Khomko)  и Јекатерина Максим (Yekaterina Maxim) како Ромео и Јулија бледнее наспроти поискусните актери кои ги играат нивните родители. Останатите споредни ликови остануваат на маргините на делото,  освен кога се потребни како тело плус за некоја кореографирана сцена, а и во таквите сцени недостига координација.

 

Приказната за трагичната љубов меѓу љубовниците од двете завојувани фамилии Монтеки и Капулети е успешно поставувана како комедија. Оскарас Коршуновас и неговата „Ромео и Јулија“ во 2011 година доби награда од публиката на театарскиот фестивал МОТ токму за таквото свое видување на текстот. Но, за да се одигра една претстава не е доволно режисерот само да го прочита пред вас делото. Претставата е жива само тогаш кога тој има волја и начин и да го протолкува тоа што го чита,да го анализира низ ново светло и да му вдахне ново значење. Асенбеков и „Ромео и Јулија ( НЕ Трагедија )“ не успеваат во тоа.

 

Атанас  Димитров

Have your say