Од изведбата на iHamlet, во програмата на Битола Шекспир фестивал, 26.06.2018
„Не можеш ни да забрзаш, ниту да премоташ, како да си на некој тобоган на кој не знаеш ни како си се качил“
Сценограф и тонски техничар киднапираат режисер и четири актери и им ги нафрлаат сите разумни и неразумни барања кои можете да ги замислите. Плашејќи се за својот живот, трупата и режисерот се согласуваат на сѐ. Отприлика така може да се опише поставувањето на iHamlet на театарот Пунктарт (Punctart) од Романија, во режија на Катинка Драганеску (Catinca Draganescu).
Концептот на текстот на Елисе Вилк (Elise Wilk) цели да пренесе лајтмотиф од Хамлет во дигитализираната сегашност. Наративот се адаптира во ликот на момче чија мајка се разведува со татко му, кое е разочарано од себе, од своите родители, од светот. Истовремено, овој адолесцентен Хамлет е ограден од мрежата на социјални медиуми околу него. Драганеску од текстот создава нешто налик Џојсовска медитација за осаменоста и растот, каде мисленото се испреплетува со кажаното. И од тоа можело да излезе одлична приказна, да беа позауздани сценографијата и ефектите.

На самиот почеток на претставата, на сцена веќе е поставено едно полупроѕирно платно за проекција. Во текот на претставата, на него се проектираат визуелни ефекти кои ја претставуваат емоционалната состојба на актерите. Останатата сценографија, која е фиксна, е метална конструкција со скали и е поставена длабоко во сцената, зад платното. Актерите најчесто играат зад платното, врз оваа „втора“ сцена. Идејата за сценографија врз која може да се проектира, а притоа да се остави доволно транспарентна за да се гледа играта, е одлична. Потфрла изведбата – постојано покриени од платното, актерите го губат контактот со публиката, па нивните реплики остануваат да висат во воздухот. Повремено, Драганеску им дозволува да излезат и да играат пред платното, но не успева да ја регулира преоптовареноста со ефектите. Меѓу актерите и сцената секогаш веќе стои еден ѕид – четвртиот. Додавањето на уште една бариера и поставувањето на сцената далеку зад неа го прекршува контактот со публиката.
Комуникацијата дополнително ја отежнува дисторзијата на микрофоните кои ги користат актерите. Заради микрофоните и сцената од играта се губи нијансирањето, па целата претстава, која трае нешто повеќе од час и 20 минути, станува бремена, аморфна. Ова, заедно со рамномерното, брзо темпо на репликите, визуелните и звучните ефекти, не дозволува на површина да излезе најважното – приказната. Таа останува во заден план – буквално.
Текст: Атанас Димитров
Фотографија: Стефан Ѓорѓиевски