Некои револуции се случуваат таму некаде

...„режисерот успеал да направи многу работи за претставата, но ја запоставил актерската игра. Претстава во која револуцијата ќе биде далеку од сцената на која треба да се изведе.“

Затни ги ушите. Има револуција. Таму, некаде.

Од изведбата на „Клетници“ на 9-ти јуни на Театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп при 53-тото издание на Македонскиот Театарски Фестивал.

Оцена:3/5

Претставата е работена според истоимениот култен роман на Виктор Иго, во драматизација на Горјан Милошевски и режија на Мартин Кочовски. Музиката е на македонскиот бенд Фолтин (дел од членовите на бендот и играат и во претставата), додека костимографијата, сценографијата и дизајнот на светло се на Јулијана Војкова
Најман. Играат: Владимир Ѓорѓијоски, Александар Степанулески, Ангeла Наумоска, Димитар Ѓорѓиевски, Наташа Наумоска, Здравко Стојмиров, Сара Спиркоска, Игор Трпчески и други.

Претставата започнува со крајот на Битката кај Ватерло. Жан Валжан украл леб за да го нахрани своето семејство и бил осуден на пет години затвор. Поради поголемиот број на обиди за бегство го напушта затворот дури по деветнаесет години. Трудејќи се да почне нов живот станува сопственик на фабрика, а потоа и градоначалник на неговиот град. Во сплет на околности тој застанува на страната на работничката класа која подготвува бунт против десничарите.

Претставата има за цел да го потикне жарот за револуција и промени, и истите да и ги прикаже на пубиката. Но поради нецелосната режисерска обработка на ликовите или недоволно посветено внимание на актерите, публиката само преку нивните реплики дознава дека на сцената има револуција. Нивната игра, со исклучок, е емоционално празна. Овој пропуст во претставата режисерот Кочовски се обидува да го засени со
прегласните тропања и чукања на железа кои имаат за цел да го разбудат чувството на терор кај гледачот. Но кога веќе претставата „природно“ почнува да го губи своето темпо, овие чести тропања стануваат измачување за гледачот, со можност да пробудат дури и анти-симпатија кон револуционерите.

Сценографијата бара физичка подготвеност на актерите, заради тоа што е железна конструкција која актерите ја менуваат за потребите на сцените. Актерите на неколку наврати произведуваат звуци со нивните алатки на многу синхронизиран и креативен начин. Се чини дека режисерот успеал да направи многу работи за претставата, но ја запоставил актерската игра.

Претстава во која револуцијата ќе биде далеку од сцената на која треба да се изведе.

Но и покрај тоа „Клетници“ ја доби главната награда за претстава во целина на фестивалот. Како и останатите три: награда за музика на Фолтин, награда за сценска драматизација на Горјан Милошевски и наградата за главна женска улога на Ангела Наумоска за улогата на Фантин.

Борис Василески

Have your say