Кога деловите од сложувалката не се усогласени.
Кон „Клетници“, работена по романот „Клетници“ на Виктор Иго, првонаградена на 53тото издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Режија: Мартин Кочовски, продукција: Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
Оцена: 2/5
По речиси месец дена од изведбата на „Клетници“ на МТФ „Војдан Чернодрински“, сѐ уште си ги поставувам истите прашања. Со ризик да звучам арогантно, навистина ме интересира што би рекол Виктор Иго ако дознае дека неговата приказна за француската револуција била претворена во еден речиси Холивудски маратон на гласни акциони сцени во процесот на поставување во еден македонски театар? Каква би била неговата реакција ако дознае дека ликовите во неговиот култен роман „Клетници“ одеднаш самите себеси се дефинираат како такви на театарската сцена? Или уште повеќе, ако дознае за фројдовската интерпретација на односот помеѓу Жан Валжан и неговата штитеничка, Козета? Смелоста на овие драматуршки и режисерски одлуки посочува на две опции: а) површно читање на приказните за Фантин, Жан Валжан, Козета и Гаврош или б) храбра одлука за „свежа“ интерпретација која на крајот, сепак ја обременува сржта на „Клетници“ без понатамошен развој.
Основата на претставата е големиот ансамбл кој ревносно ги игра доделените улоги. Сцените кои се потпираат на физичка сила и координација на движењата на целата група актери изгледаат цврсто и синхронизирано, што зборува за огромниот труд вложен во подготовката на претставата. Од друга страна, сцените во кои актерите се појавуваат во помали групи на сцена се бледи и понекогаш изнасилени, а всушност слаби на интонација, звучност и емотивен полнеж на репликите.
Неконзистентниот мизансцен дополнително ја усложнува претставата. Во моментите каде што има очигледна празнотија на сцената, недостасуваат минимални движења за да го заокружат дејството (пр. чинот на вадењето на предните заби на Фантин). Тогаш кога публиката треба да се фокусира на фацијалните експресии на актерите и егзистенцијалните дилеми кои ги мачат, режисерот го тера гледачот да ги следи ликовите на сцената, небаре се пинг понг топчиња кои се движат лево десно.
Важни делови на неусогласената сложувалка наречена „Клетници“ се масивната сценографија и неверојатно гласната музика. Сценографијата, иако комплицирана за ракување, додава неопходен слој на приказната – ги гледаме актерите како буквално ги градат и разрушуваат локациите во кои се случува секоја сцена што (минимално, но не безначајно) допринесува за емотивно приврзување кон ансамблот. Спротивен ефект има музиката и целиот дизајн на звук – иако се во совршена синергија со случувањата на сцената, постојаната гласност предизвикува аверзија кај гледачите. Основната атмосфера на борба за живот се дефинира уште во првата сцена, па така не е неопходно да се трауматизираат гледачите одново секогаш кога се споменува револуцијата, ниту пак е корисно за претставата актерите да се надвикуваат со огромните звучници во битката за вниманието на публиката.
Збунувачкиот ефект на претставата беше најочигледен во моментот кога публиката требаше да почека неполна минута за да продолжи дејството. Изморена и вознемирена, публиката аплаудираше на очигледно незавршена сцена што е дополнителен показател за неодржливото темпо на претставата и изгубениот ентузијазам на гледачите. Сите овие проблеми би се надминале со извлекување на централна нишка во приказната, според која ќе се направи и соодветна драматизација на романот на Иго.
Судејќи по претходните остварувања на Кочовски (пр. успешната „Тапани во ноќта“, перформансите за отворање и затворање на фестивалот „Браќа Манаки“ пред 2 години), очекувањата на гледачите за театарската верзија на „Клетници“ е неопходно да бидат прилагодени или уште подобро, оставени пред вратата на театарската сала. Претставата се потпира на шок-ефекти и невообичаена интерпретација на романот на Иго, далеку од посветената, но изнемоштена Фантин, чесниот крадец Валжан, и наивно вљубените Козета и Гаврош.
Јована Ѓорѓиовска