Моќната симболика на суптилната театарска естетика

„Де Бреа поставува специфична актерска игра која се темели на дистанца и дозирана емоција, така што публиката е свесна дека без разлика на недостигот од експресирана емоција, сепак таа ја има и е поблиска на секој од нас, што низ секојдневието се справува со предизвиците на животот.“

(За претставата „Крал Лир“ од Вилијам Шекспир, во режија на Диего Де Бреа, продукција на Турски театар – Скопје)

 

            Колку и да е сложено читањето и/или поставувањето на Шекспир (а се смета повеќе за такво, отколку што е), секогаш треба да се знае основното, дека во секоја од неговите драми постои водечка емоција што тој ја прикажува преку драмата на централните ликови. Диего де Бреа е еден од ретките режисери кои во своите драматуршки интервенции го чита Шекспир на база на централните емоции и затоа неговите претстави на Шекспировите драми секогаш се прецизни, кратки, едноставни, а истовремено богати со емоции, колоритност во пристапот и полни со значења и симболика.

Претставата „Крал Лир“ во изведба на Турскиот театар што ја погледнавме на годинешниот МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (и ги доби наградите за режија и специјалната награда за современ актерски израз и иновативен пристап кон светската класика, како и една од актерските награди), ја прикажа оваа естетика на Де Бреа во комплетен формат. Празна сцена, во која доминира црната боја, неколку столици, микрофони (кои секогаш се поврзуваат со тн. германска школа на режија на која и припаѓа и самиот Де Бреа), една облепена работна столица која треба да реферира на остарениот и изморен престол на стариот крал, неколку странично позиционирани рефлектори и петмина актери се костурот на претставата. Сценографијата и костимографијата ги потпишува Благој Мицевски, но во нив се гледа силниот режисерски ракопис на Де Бреа, па со самото тоа реферира и на неговите претходни претстави

Диего де Бреа успева во еден час и десетина минути да го прикаже она што на секој режисер што го поставува „Крал Лир“ реално му требаат барем два часа и повеќе. Што е тоа што ја прави оваа претстава успешна, гледлива и блиска до секој од гледачите? Начинот на кој ја прикажува трагичната судбина на Кралот Лир и неговите три ќерки, поврзана само со основната емоција – остарениот крал во потрага по љубовта од своите ќерки и осветлувањето на нивните вистински емоции кон него. Шекспир за да може полесно да го прикаже распадот на еден крал и неговото кралство освен базичниот заплет (кралот решава да го остави наследството на трите ќерки во зависност од нивната љубов, двете постари лицемерно ја прикажуваат љубовта кон таткото, а најмладата е најискрена сакајќи да докаже дека љубовта е немерлива категорија), прави и паралелен заплет меѓу Глостер и неговите двајца синови, едниот законски, другиот вонбрачен. Сето ова Диего Де Бреа го сведува на основните релации и ситуации, така што двајцата синови на Глостер и самиот Глостер ги играат истите актери што ги играат и зетовите и сите помошни ликови во претставата. На тој начин текстот се избиструва и се рационализира на основата, зашто како и во секоја претстава, најважна е емоцијата што ја пренесуваат актерите и начинот на кој публиката ја третира и конзумира истата таа емоција.

За таа цел Де Бреа поставува специфична актерска игра која се темели на дистанца и дозирана емоција, така што публиката е свесна дека без разлика на недостигот од експресирана емоција, сепак таа ја има и е поблиска на секој од нас, што низ секојдневието се справува со предизвиците на животот. Џенап Самет како остарениот Крал Лир, симболично костимиран во стар црн кожен мантил на голо торзо, е дистанциран од светот наоколу. Тој е затворен моќно во својата лична приказна и распад, играјќи со неколку основни актерски експресии, а толку координиран со секој од ликовите. Највпечатлива е неговата релација со најмалата ќерка Корделија што ја игра младата актерка Ебру Мусли која заслужено ја доби наградата за млада актерка на фестивалот. Нејзината невина и искрена Корделија најекспресивно ги пренесуваше емотивните комплекси од ситуациите зададени во дејството и за разлика од другите актери што ја играа дистанцата наметната од режисерот, активно ја покажуваше сопствената чувствителна состојба. Пресметливата и рационално моќна Гонерила на Несрин Таир е ликот што ги координира сите останати, таа е оној силен антагонист врз кој се темели драмското дејство. За разлика од неа, Зубејде Али како Регана покажа воздржан израз и едноставна актерска игра што е во директна корелација на режисерскиот концепт. Осман Али и Ерман Шабан заедно одиграа неколку ликови и нивната промена од еден карактер во друг беше исклучително важна на сцена. Промената и начинот на кој Осман Али директно ги менуваше ликовите, го направија клучниот кулминативен пресек на претставата.

Црно-белата симболика на сцената преку белиот фустан на Корделија и црните на останатите ликови, како и црвеното вино што Лир го (ис)тураше е визуелно најмоќниот квалификатив на претставата. Во корелација со тоа е и режијата на светлото што ја направи самиот режисер, градејќи уште еден аспект на моќната театарска слика на претставата.

Претставата „Крал Лир“ е една визуелно моќна и емотивно силна претстава која покажува на кој начин денес современиот театар треба да го третира и игра Шекспир.

 

Д-р Ана Стојаноска, театролог

Have your say