Малку новини во „Но(е)ва Македонија“

„Откако ќе ја „пробиете“ формулата, сцените одеднаш не се толку занимливи, иако го задржуваат вниманието до самиот крај.“

Од изведбата на 43. МОТ, на 25.09.2018

Режија: Кокан Младеновиќ.

Продукција: Народен театар – Битола.

 

Прво беше темно, па би светло, па Господ ги направи Македонците!

Со зурли, тапани и изненадувачки – рап нумери, започна почетокот на претставата „Но(е)ва Македонија“. Ансамблот од првиот момент ја нападна сцената. На неа, колосалните дрвени ребра на звучната Ноева Арка се прошарани со платна во македонското жолто и црвено. Облечени во шлемови на антички воини, актерите како да водат војна со тој необичен меланж. Како и вообичаено, Битолски народен театар знае да приреди – спектакл. Да, тој збор е прикладен како опис за претставата. Еве зошто.

Приказната, исто како и сценското интро нa aнсамблот, е вџашувачка. Откако „антиквизацијата“ на Македонија е конечно успешно привршена и спроведена, познат домашен историчар наоѓа пергамент на падините на Шара од кој дознаваме дека библиската планина Арарат всушност се викала – Шарарат. Ова „откритие“ води до заклучокот дека Ноевата арка, наместо на Арарат, завршила на Шара, тоест на Шарарат. Пресреќни од новите вести дека наместо само античка, Македонија е библиска земја, уште постара од антиката, политичарите брзо започнуваат нов бран на историски ревизионизам.

Па така, Македонија станува Ноева Македонија, Македонците стануваат Ноеви Македонци, Шара – Шарат. Брзо се менуваат фасадите на сите антички згради, се земаат нови кредити, се менува азбуката за да биде посоодветна. Сценографијата на Валентин Светозарев успева истовремено да е доволно пространа за да овозможи простор за сите напади на ансамблот и цврсто да го врами наративот на текстот. Се снимаат филмови со акциски херои и хероини кои го бранат Ное и Ноевата арка за времето на Потопот, снимени секако на Ноевиот македонски јазик. Сето тоа завршува како што е типично за повеќето националистички трески, не со „бум“, туку со јачење.

Сцените кои се одигруваат пред публиката се енергични, хаотични и смешни. Слично како и во своите претходни претстави, ансамблот на Народниот театар во Битола обожува да создава хаос и да игра во него. Тоа го прави доволно успешно и координирано за да биде тешко да се посочи нечија конкретна игра како поистакната од другите. Поддршка во хаосот наоѓа и во надреалните, а на публиката познати сцени од текстот кој го подготвиле режисерот Кокан Младеновиќ и драматургот Билјана Крајчевска. Јасно видлив е и придонесот и на самите актери во процесот на подготовка на текстот и играта. Од таму се јавува и највидливиот недостаток на претставата.

Воочлив е за тие кои гледале некоја од претходните слични претстави на ансамблот (како на пример „Хамлетмашина“ или „Фауст“). Претставата станува предвидлива. Публиката ќе очекува, и ќе види – голотија на сцената. Ќе очекува и ќе види – координиран хаос на сцената. Ќе очекува и ќе види апсурд и баналност. Пораката на претставата е слична со претходно наведените – осуда и сатира за непромислените, или добро промислените однесувања на луѓето кои го следат својот самоинтерес. За добра мера, на тоа се додадени повремени алузии на моменталната политичка ситуација и за регионалниот менталитет. Откако ќе ја „пробиете“ формулата, сцените одеднаш не се толку занимливи, иако го задржуваат вниманието до самиот крај. Овие забелешки не одземаат од впечатокот по секоја цена, но оставаат чувство дека Младеновиќ можел да направи повеќе со енергијата и волјата на ансамблот.

Ако може нешто да се востанови за ансамблот на Народниот театар од Битола, тоа е дека знае што и како сака да игра, а е доволно силен за да ја наметне својата игра и врз останатите во процесот. Од таа сила може и треба да излезе нов, посвеж проект. Каква што е „Но(е)ва Македонија“ е занимлива и гледлива, но останува чувството дека можела да биде нешто – повеќе.

Атанас Димитров

Have your say