Кон „Царот Владислав“ по текст на Борис Јанков, во режија на Бранко Ставрев и продукција на Народен Театар Струмица „Антон Панов“.
/10.06.2018/ 22:00ч/ гостување во официјалната програма на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Сцена НУЦК „Марко Цепенков“
Оцена: 2/5
Историската драма е секогаш предизвик и храброст да се постави на сцена, особено кога сиот материјал е дел сопствената историја. Со овој текст на Борис Јанков за „Царот Владислав“ следено во пошироки рамки, создава театарски диптих. Она што би се сметало како прв дел е операта „Цар Самоил“ по музика и либрето на Кирил Македонски, а по неа приказната за Јован Владислав. Историското читање на Јанков во градење на овој драмски текст го создава на два плана, борбата/жедта за превласт, и судирот на богомилството со официјалната христијанска црква од тој период.
По доаѓањето на кнезот Гаврил (Коста Ангов) на престолот започнуваат и немирите во царството. Нетрпеливоста на христијанската цркава со богомилскиот ред како еретици ја поткопуваат борбата за промена на власта. Бидејќи Гаврил е следбеник на богомилските верувања, црквата не може да си дозволи таков владетел па своите настојувања ги водат кон Владислав (Стојан Велков-Трн) како потенцијален наследник на престолот. Она што до крајот ја карактеризира оваа драма е макбетска игра која резултира со пориви на одмазда и убиства предводени од царицата Марија (Оливера Аризанова).
Текстот во стих одлично кореспондира на сцената, она што е проблематично е неговата интерпретација на ансамблот. Поставката на Ставрев би била оправдана доколку има цврст ансамбл кој знае што прави на сцената. Со оваа претстава почитуваниот Бранко Ставрев уште еднаш го потврдува својот печат во поставување на домашни автори. Впрочем, најголем дел од неговиот опус на театарски режии се дела на домашни автори. Неговата моќ е луцидноста во раскажување на една приказна. Но, во овој случај економичноста во играта со сценографијата го нагризува балансот на претставата. Актерската игра во целост се покажа како неубедлива, без нималку чувство, што всушност се игра на сцената. Во претставата успешно комуницираат костимите на Елена Дончева кои даваат назнаки за времето и амбиентот.
Разбирливо е дека режисерот работи со тоа што го има како материјал но дали е целосно искористен потенцијалот на оваа театарска продукција, прашалникот останува да лебди во воздухот. Неисчистениот дијалектен говор беше само дел од пречките. Празнотијата, недостигот од верба во сопствените реплики го отуѓуваа и разредуваа згуснатото драмско дејствие, присутно кај царицата Марија (Оливера Аризанова), царицата Ирена (Ангелина Тренчева Ангелова), кнезот Гаврил (Коста Ангов) како носители на играта. Претераноста во пластичното обликување на ликовите го нарушуваа покритието зошто се тие на сцената, особено патријархот Давид (Бранко Бенинов) кој е еден од клучните ликови во создавањето на заплетот, староста не значи само тресење во чекорењето на сцената ниту пак развлечениот говор кој наликуваше на пештерско ехо на некој мудар глас недоволно јасен да се ислуша неговата важност. Она што на моменти се издвојуваше како нешто, што е цело на сцената во својата појава, е испосникот Стефан (Кире Ѓоргиев) кој знаеше што треба да се прави за да го насочи вниманието кон себе да ја создаде интимноста. Додека Царот Владислав (Стојан Велков-Трн) заглавува во првата појава на верник посветен на молитвата и не успева да ја понуди во целост внатрешната борба со кој се соочува.
Се останато е една рамна линија која постојано се обидува да го вознемири доживувањето и задржи вниманието но не успева, тоа резултираше со напуштање на претставата на одреден дел од гледалиштето. Она што можеби во целост беше вишок се наративните дидаскалии кои не придонесуваа во следењето на самата претстава затоа што ако актерската игра не е доволно податлива, тогаш каква корист од тоа каде се наоѓаме.
Во создавањето на овој диптих потврда не е само историската поврзаност туку и употребата на музиката т.е монологот на цар Самоил од истоимената опера. Појавата на тапанот во позадина, во изведба на Васе Христов се обидува звуковно да ги разграничи сцените и дејствието, останатиот дел се црковни пеења кои многу повеќе го обликуваа амбиентот за тоа што се гледа на сцената.
Овој ансамбл во голема мера се соочува со недостаток на игра и енергија. Неизбежно е чистење на говорот во стих и верба во она што се игра, се со цел да ја направат оваа претстава гледлива. Без тоа, тие (актерите) и публиката ќе останат изгубени во просторот. А потенцијалот на текстот ќе го чека своето ново читање.
Дамијан Каранфилов