За претставата „Планинските џинови“ од Луиџи Пирандело, во режија на Паоло Маџели, копродукција на Албански театар – Скопје, Италијанската драма при ХНК „Иван Пл.Зајц“ – Ријека, Хрватска; Словенско стално гледалиште – Трст, Италија; Германскиот театар – Темишвар, Романија; Театар „Деже Костолањи“, Суботица, Србија.
Кога се создава претстава која е дел од проект финансиран од одредена организација и копродукција на неколку различни театри, може да се развие во две насоки – едната е да биде промотивен или маркетиншки трик со кој идејата/каузата на проектот ќе се оправда пред големите финансиски фондови, а другата е дека ќе ги надрасте сите стартни проблеми и ќе се развие во претстава поголема од првите замисли на нејзините креативци. Претставата „Планинските џинови“, работена според истоимениот драмски текст на нобеловецот Луиџи Пирандело (авторот што ниту една теориска или театролошка мисла не може да го врами во ниту еден правец, стилска формација или -изам, бидејќи е поголем од вкалапувањето и жанрирањето и е сам по себе доволен како уметност), е дел од проектот„(Ре)откривање на Европа“ финансиран од Европската унија. И да не знаеме ништо за проектот кога ќе ја видиме листата на копродуценти ќе ни стане јасно дека станува збор за малцински театри кои творат на свој јазик надвор од матичната земја. И колку политиката и Eвропската унија да придонеле една ваква претстава да се направи, толку креаторите на претставата не дозволиле ова да е само една претстава со која ќе се покаже дека мултикултуралноста е само концепт на Eвропа да промовира сожителство.
За што станува збор овде? За театарот – е првиот и основен одговор. Театарот е уметност која има огромна моќ. Театарот е тој што треба да го коментира општеството и да влијае врз него. Дека тоа не е секогаш така потврдува секојдневната практика. Меѓутоа, оваа претстава докажува и покажува дека кога се работи театар, кога се креира магијата околу изведбата, кога ќе се соберат група на талентирани, моќни, желни за игра актери, заедно со исклучително посветен режисер како што е Паоло Маџели, под драматуршката визура на ефикасната Жељка Удовички, тогаш ќе се создаде магија. Луиџи Пирандело почнува да го пишува текстот 1929/30 година и се смета за неговата последна, но и недовршена пиеса. Истовремено со неговото добивање на Нобеловата награда за литература, но и со неговото соочување со фактот дека уметноста/театарот сепак не може да им избега на општествените (не) прилики, тој во ова дело, за разлика од сите други негови драми, создава еден фиктивен, магичен и надреален свет, во кој светот на театарот и светот на „големците/џиновите“ ќе се соочат со сопствените идеи и (не)решенија.
Режисерот работи со актерите по принцип на работилници, кои треба од нив да го извадат основниот порив зошто се занимаваат со театар и тоа се гледа во начинот на кој што тие играат. Мултикултуралната актерска екипа, благодарение на овие работилници, но и личната посветеност, дава приказ на тоа како се работи во една трупа по принцип на истражување/лабораторија во денешно време и околности. Секој од актерите, со помош на нивните базични изразни средства (моќна телесна динамика, експлоатација на сцената до максимум, говорниот и аудитивниот апарат ставени во функција на ликовите), заедно со магичните костими на Mануела Паладин Шабановиќ, создава лик кој паралелно ја носи личната приказна, во корелација со останатите. Она што доминира е секако актерскиот потенцијал, како од еден текст кој слободно можеме да го наречеме „огледалниот приказ“ на познатата драма „Шест лица во потрага по авторот“ од Пирандело, создава моќна, магична театарска претстава во која главниот фокус е театарот и само театарот.
Претставата е димензионирана на онаа помеѓу/лиминална ситуација на уметноста како одговор на сите прашања, на театарот како свет сам по себе, подготвен да промени, соочен со безмилоста на тие што го креираат светот наоколу.
И кој подобро ќе го изведе тоа од група патувачи, единствените посветени театарџии низ историјата на театарот. Секој од актерите зборува на својот јазик и сите се разбираат меѓусебно. И јас како публика што не ги знаев сите јазици одлично ги разбирав. Дружината на Грофицата, Несреќните, приказната во другата приказна, прашањата за доброто и човештвото затскриени зад личните приказни, пополека ја плетат својата волшебна слика, која како и сите соништа изобилува со многу емоција и енергија, што се засилени со музиката на Дамир Мартиновиќ Мрле и Иванка Мазуркијевиќ.
Валентина Банчи клако Илсе, Грофицата е моќна актерка. Нејзиниот говор на тело, изразните театарски средства, односите со партнерите покажаа дека не е потребен јазик/говор за една актерка да доминира со сцената. Нејзината Илсе е жена што се соочува со егзистенцијата на својата дружина и брак и го создава ликот пред нашите очи од моќниот влез на сцената, во рацете на својот колега, до крајот на претставата. Директниот однос на сите актери со публиката се следи и преку нивното рушење на рампата, седнувањето на просцениумот, влегувањето од публика, како и менувањето на стварностите на сцената со помош на ефективната сценографија на Ана Александра Буковиќ и Лоренцо Банчи. Просторот во претставата е решен на три нивоа, централната накосена трамполина на која патувачите ги покажуваат своите актерски/изведувачки способности, позадинската сцена (особено моќна во делот кога тројца од Несреќните функционираат како марионети) и просцениумот, во кој на неколку пати седнуваат актерите, притоа создавајќи ја сликата за волшебната шума преку струготините од дрва, што во текот на играта ефективно создаваат впечаток на шума со сите сетила што ја допираат публиката. Вреден за истакнување е ангажманот на нашиот актер Џевдет Јашари кој во улогата на Баталиа, „сестран актер, па и жена“, како што е опишан во програмката на претставата, покажува колкав е неговиот актерски потенцијал, посебно во централниот дел на градењето на претставата, кога облечен во црвена кринолина, го игра дервишкиот/мевлевиски танц, на толку впечатлив, магичен начин, што во позадина го остава целиот свет наоколу и ја прикажува практично моќта на театарот. Од нашиот дел од тимот на оваа копродукција треба да се спомене и Фисник Зеќири во улогата на Тушко Туш, кој ја водеше претставата во функција на импресарио, подготвен да пее, игра, зборува, како актер што игра актер од патувачка дружина. Секој од актерите на тимот, покажа како треба и зошто треба да се игра. Во оваа претстава нема место за мали и големи ролји, има место за одлични актери и нивните потенцијали. Тука особено би сакала да ја нагласам функцијата на ликовите насловени како Несреќните, кои ја собрале целата историја на театрот во едно од мимичарите/пантомимичарите, до комедија дел арте, преку циркуските мајстори, до современите патувачи. Бидејќи театарот си игра со реалноста и создава свој свет, на кој начин се прави тоа покажа најдиректно Мауро Маилинверно во улогата на Котроне, Волшебникот.
За оваа претстава би можела да пишувам уште долго, затоа што на театарот му требаат вакви искуства, на театарот во Македонија му треба ваков режисер како Маџели, кој создава моќен свет во кој театарот директно ја испитува потребата за постоење. Претставата „Планинските џинови“ е една од оние претстави што остануваат да живеат во нас и после подолго време од нивното физичко завршување. Во тоа е и основната и силна моќ и магија на театарот.
Д-р Ана Стојаноска, театролог