Од втората изведба, 29.07.2018 во Античкиот театар Стоби, како дел од програмата на Фестивалот на Антички Драми Стоби.
Уште во античката доба, претставите на Аристофан важеле за популарна уметност. Или, како што би кажал еден од нашите драматурзи – „ естрада“. „Лисистрата“е одличен пример за тоа. На изворниот текст му е доволен само превод за да биде јасен и да допре до современата публика. За жал, неколку нејасни режисерски одлуки на Хакоб Газанџјан одземаат од инаку солидната изведбата на „Лисистрата“.
„Лисистрата“ говори за времето на Пелопонеската војна, која траела близу 30 години и нанела многу жртви на градовите-држави кои учествувале во неа. Насловот на претставата доаѓа од името на главната хероина (која ја игра Ирена Илиевска), која ги обединува грчките жени за да ги убедат мажите да ја запрат војната. Тоа го остваруваат со договор дека на сите мажи ќе им ги забранат сексуалните односи додека не се потпише договор за мир. Оваа идеја ги разгорува страстите кај мажите, па се обидуваат по секоја цена да ја разнишаат едногласноста на женскиот табор.
Газанчјан ја поставува претставата пред и во одаите на кабарето „Акрополис“. Пространата повеќекатна сценографија одлично го искористува пространиот отворен простор на античкиот театар во Стоби. Ослободен од стегите на затворена сцена, ансамблот на театарот Јордан Хаџи Константинов – Џинот игра со видливо задоволство и жар по целиот простор. Газанџјан добро ја користи енергијата на актерите и наоѓа интересни и смешни начини да ги вметне во различните сцени.
Што се однесува до главната улога, Илиевска ја игра солидно младата, енергична Лисистрата. Можеби најдобро игра во сцените каде игра спроти Васил Зафирчев кој го игра Магистратот. Нивниот дијалог е занимлив и звучи органски, искрено. Единствените сцени во кои таа можеби е ставена во подредена положба се почетните, каде сцените ги „краде“ Марина Поп Панкова. Во улогата на Салоника, Поп Панкова е суптилна, самоуверена и уверлива. Вистинскиот предизвик за Илиевска се неколкуте сцени во кои Газанчјан бара од неа да танцува. Начинот на кој таа ги игра овие сцени укажува недостиг на вежбање, или на самодоверба. Нивната изведба е дополнително отежнета од тоа како се поставени реквизитите. Овој мал недостаток, макар само на кратко, ја прекршува внесеноста на публиката во приказната.
Посериозен е недостигот на режисерска експликација во претставата. Во неколку моменти и реплики е наговестена, скоро на површината, но никогаш всушност не се појавува на сцената. Оригиналниот текст е податлив и популарен за современо толкување. Неколку сцени за малку и ги започнуваат дискусиите за зголемената флуидност на родовите улоги, за политичкиот цајтгаст, за правата на жените. Тие нишки остануваат да висат во атмосферата на претставата до самиот крај, но без расплет. Впечатокот за нив, поради тоа, е дека органски излегуваат од изворниот материјал и современата игра, наместо да се намерно насочени на основа на визијата на режисерот. Не дознаваме зошто Акрополот е претворен во Кабаре, а жените во пеачки и танчарки. Мажите, пак, во улогите на бизнисмени, гангстери и „градски фаци“ алудираат на ликови од домашната и меѓународната политичка сцена, но и таа нишка останува недоистражена во големиот колаж на идеи без расплет.
Скапоцениот простор на античкиот театар во Стоби нуди повеќе од само пространство и атмосфера за игра – нуди автентичен форум за дијалог со публиката. Штета е што овие недоречености не дозволуваат „Лисистрата“ да го искористи целосниот потенцијал на сцената. Претставата ќе Ве забавува и насмевнува додека трае, но ќе Ве испрати дома со впечатокот дека многу работи се останати недокажани.
Атанас Димитров