Крв, пот и солзи

...„актерите се соголуваат целосно емотивно, актерската игра е доведена до совршенство, разголувањето само го намалува впечатокот.“

Кон претставата „Доктор Фауст“на Битолски народен театар, одиграна на Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински” во Прилеп.

Оцена: 4/5

Доктор Фауст е протагонист на класична германска легенда базирана на историскиот лик Јохан Георг Фауст, која била и е инспирација за бројни литературни, филмски, драмски дела, музика. Најпознати се драмските текстови на Гете и Кристофер Марлоу. Зборуваат за човек, Фауст, со нескротлива жед за целото земно знаење и телесни задоволства кој, со цел да ги добие, ја отфрла шансата за влез во рајот, склопува пакт со ѓаволот и воден од неговиот слуга Мефистофел го живее животот кој го посакува, лишен од морални стеги. Со себе во виорот на блуд и разврат ги повлекува и луѓето кои ги среќава на животниот пат, една од нив е и љубовта која ја наоѓа, Грета.

Со неа всушност започнува претставата која тематски е водена од драмскиот текст на Марлоу, но е во голема мера авторска односно се базира на текстови од режисерот и драматургот. Автор е Андраш Урбан, театарски режисер, остар критичар на социјалните збиднувања, а драматуршката палка ја има Билјана Крајчевска. Ова е втора поставка на Урбан во битолски Народен театар по поставувањето на Хамлетмашина. Игра дел од ансамблот на Битолски народен театар меѓу кои Иван Јерчиќ, Викторија Степановска-Јанкуловска, Елена Моше, Борче Ѓаковски, Маријан Ѓорѓиевски и други.

Претставата е критика на распадот на денешното општество и на политичките ситуации на глобално и доминантно локално ниво. Се тоа е прикажано преку седумте смртни гревови отелотворени преку ликот на Фауст кој  не е активен учесник во претставата, но неговото присуство лебди над публиката. Премиерата одиграна во 2016 година била контроверзна и неочекувана поради ретките успешни обиди за реално портретирање на тогашната политичка ситуација, а ни во 2018 година не е намален интензитетот на доживување. Се провлекуваат теми кои се многупати разработувани, секс скандалите поврзани со црквата, европските валкани политички игри кои стануваат по малку излитени, но актерите се толку кохерентни, емотивно поврзани меѓусебе и со публиката што секоја секунда од претставата не дозволуваат фокусот на внимание да биде на друго место.

Целата претстава е физички и психички исцрпувачка за актерите, психички и за публиката која се соочува со сопствените негативни аспекти. Текот на приказната градуира кон последната сцена која трае можеби предолго, но е набиена со емоции, актерите играат непрекинато, секој за себе, а сите во еден здив. Сцената ја води публиката низ седумте смртни грева од кои ниеден човек не може да избега во тие петнаесетина минути. Се меша чувство на екстаза, гадење, жал, срам, желба да избегаш од себеси и од другите, но мораш да одгледаш до крај. Единствена работа која е одвишок во оваа сцена е физичката голотија, актерите се соголуваат целосно емотивно, актерската игра е доведена до совршенство, разголувањето само го намалува впечатокот.

Поставката на мала сцена е полн погодок, публиката седи на сцена опкружена од метален, кружен ѕид на кого се проектираат снимки што прават „пеколна” атмосфера, дело на Валентин Светозарев, а се тоа допринесува да се почувствуваме како да сме дел од група на луѓе  која неповратно јуриша со молскавична брзина кон распадот на светот. Енергетскиот набој помеѓу актерите е скоро опиплив и тоа го носи текстот на неочекувана висина. Иако нема улога која е носител на текстот, а и сите глумци имаат по неколку улоги, гласот и играта, а и искуството на актерката Соња Михајлова ја издвојува од нејзините помлади колеги.

Сите аспекти кои сочинуваат драмска претстава овде се прецизно и успешно вклопени за да се добие продукт кој е контроверзен, но потребен за соочување со трулото во нас и во општеството. Актерскиот ансамбл е совршено уигран и иако залакот за одигрување такви сцени е голем, евидентно е уживањето со кое ја пренесуваат пораката.

Ивана Панчевска

Have your say