Кон изведбата на „Еден месец на село“ во МНТ, 18.10.2018
Режија: Паоло Маџели.
Текст: Иван Сергеевич Тургењев.
Драматургија: Желка Удовичиќ.
Сржта на дејството на „Еден месец на село“ е во приказната за младиот тутор Алексеј Бељаев (Стефан Спасов), во кој се заљубуваат мајката на неговиот ученик, Наталија Петровна (Сашка Димитровска) и нејзината млада штитеничка Вера Александровна (Дарја Ризова). Истовремено, помеѓу нив и останатите ликови се случуваат уште неколку успешни и неуспешни љубовни врски.
Режисерот Маџели наметнува галопирачко темпо на почетокот – брзи дијалози, паралелни сцени и физичка комедија. Овие елементи се искористуваат пречесто, па стануваат предвидливи. Мизансценот е хаотичен – со ликови кои влегуваат и излегуваат од секој агол, па понекогаш го одвлекуваат вниманието од дијалозите.
Заплетот го најавува појавувањето на Игнатиј Шпигељски (Сашко Коцев). Коцев внесува смеа во публиката. Истовремено, со манеризмите, колоквијалниот јазик и дикцијата истовремено остава и впечаток дека повеќе се игра себеси отколку својот лик. Заедно со него, Михаил Ракитин (Никола Ристановски), блискиот пријател на Наташа Петровна, ја гради противтежата на главното дејство. Пред самиот крај на првиот чин, токму неговите тивки дијалози со Наташа градат очекување дека претставата ќе се претвори во нешто поголемо. Штета е што во овој момент се стемнува сценското светло и се затвора првиот чин. Во меѓувреме, Бељаев останува на маргините на дејството, па тоа што двете жени се заљубуваат во него се гледа делумно со чудење, а делумно со неверување.
Во вториот чин, пак, се случува целосна промена на атмосферата и на јазикот на претставата. Сцената се затемнува, а играта на актерите станува поодмерена и потрезвена. Ова е особено забележливо кај Вера, која Ризова ја игра со скоро манична радост во првиот чин, за тука да биде депресивна и одненадеж остарена. На овој неочекуван пресврт на ликот му недостига поголем развој за да биде уверлив.
Останатите ликови, особено споредните (Ана Стојановска, Дамјан Цветановски и Александар Микиќ) служат повеќе да ги најават централните ликови отколку да внесат сопствени нијанси. Грстот реплики кои ги имаат не се доволни за да ги вградат цврсто во дејството. Расплетот, кој треба да означува едно огромно емотивно празнење, изгледа млако. Тоа е така затоа што не може да има празнење ако нема наполнет емотивен напон.
„Еден месец на село“ е доказ за тоа дека некогаш две половини едноставно не можат да направат една целина. Во 140-минутната визија на Паоло Маџели, комичниот и драматичниот аспект на претставата не градат доволна синергија, a за жал, не опстојуваат ни самостојно. До самиот крај, претставата остава чувство на неодлучност за тоа во кој правец треба да се движи. Нејасната насока, нестабилните ликови и одлуката на средина на претставата целосно да се промени нејзиниот јазик и темпо ја прават нејасна и заморна за следење.
Текст: Атанас Димитров
Фотографии: Кире Галевски