Како Ѓорче да не е Ѓорче, к’o да е игла – Црнила 2.0

...„ќе продолжи да зрее со секоја наредна изведба со што може да се развие во ново капитално дело од македонскиот театар.“

Кон изведбата на „Црнила remix“ на МОТ 2018.

Идеја и режија на Јордан Симонов, работена според „Црнила“ на Коле Чашуле.

Како да се интерпретира убиството на идеалите за да се понуди свежо видување и за оние кои веќе виделе неколку постановки на „Црнила“ и за младите за кои култниот текст на Чашуле е „само уште една лектира“? Оригиналноста на „Црнила remix“ лежи во музичката обработка на приказната – резултат на соработката меѓу Симонов и хип хоп екипата „Зад аголот“. Претставата е модерен хип хоп албум кој се изведува на речиси празна сцена, како на концерт. Во позадината се проектираат визуелизациите на Илина Ангеловска (патем, полни со суптилни метафори за мачната македонска судбина), а песните го следат основниот наратив на Чашуле.

Неколкумина „револуционери“ го подготвуваат атентатот на Ѓорче Петров во домот на Христови. Додека нејзиниот сопруг (Павле Димковски) е принуден да го напушти домот, Неда (Сања Арсовска) под присила се грижи за гостопримството на заговарачите. Нивен лидер е Луков (Стефан Вујисиќ) кој бескрупулозно бара од Иван (Владимир Петровиќ) да ја заведе Неда, пресметливо го разоружува Фезлиев (Александар Михајловски) и се потпира на наивноста на Методи (Горан Ников) за да го осигура исчезнувањето на тајната на Младичот (Ненад Анѓелковиќ). Тој пак се самоубива откако ќе дознае дека го убил човекот кој му го спасил животот, Ѓорче Петров.  

Во „Црнила remix“ актерската екипа се соочува со предизвикот истовремено да рецитира, да пее, да внимава на говорот на своето тело, да изгради однос со сцената, публиката и своите колеги, и сето ова да го направи доволно опуштено за да изгледа автентично како хип хоп постановка. Во овој предизвик, Михајловски владее на сцената и целосно го „живее“ проклетството на Фезлиев. Преку призмата на хип хопот, со леснотија ги доловува сите изливи на гнев, човечност и разочараност поради скршените идеали.

Со предизвикот добро се носи и Вујисиќ чија гласовна прецизност беше клучна за одличната раперска изведба на репликите. Овој впечаток беше уште посилен кога конечно, по краткиот танц, се опушти и стана Луков на 21-виот век. Еднакво важна промена доживеа и Петровиќ. Во најдобрата сцена од претставата, драматично осветлениот Петровиќ изненади со продорниот глас и неверојатната „Како Ѓорче да не е Ѓорче, к’o да е игла“, која веќе со денови одѕвонува во мојата глава. Еднакво „заразен“ е трагикомичниот дует на Вујисиќ и Михајловски кои осцилираат помеѓу „Мене доцнењево не ми се допаѓа.“ и „Зарем овде на Балканот, кај што се касни цело време?!“.

И покрај тоа што дуетот експлицитно посочува на еден од основните проблеми во регионот, за целосен ефект недостасува емоционално нијансирање на репликите кои се повторуваат во триптих. Потенцијал за подобрување има и во нејасниот мизансцен кој на моменти го отежнува следењето на драмското дејство, како и во несоодветното озвучување кое го осиромашува целокупното искуство. И последно, (иако ова веројатно се должи на моето феминистичко читање на Чашуле), наместо Неда претопена во машкото друштво, во неа би можеле да ја видиме клучната противтежа на револуционерите како што тоа е Евдокија за Мане во „Буре барут“, Велика за Јон во „Пиреј“ или ако зборуваме со речникот на хип хопот, Бијонсе за Џеј Зи.

Симонов, „Зад аголот“ и актерската екипа не направиле само реинтерпретација на текстот на Чашуле. Напротив, „Црнила remix“ ќе продолжи да зрее со секоја наредна изведба со што може да се развие во ново капитално дело од македонскиот театар.

Јована Ѓорѓиовска

Have your say