Од изведбата на „Болница“, 26.09.2018.
Автор,Режија, Кореографија, Сценографија: Jо Стромгрен (Jo Strømgren)
Продукција: Јо Стромгрен Компани (Jo Strømgren Kompani).
Убавината на минијатурните светови на Јо Стромгрен е во нивната силна внатрешна логика. Неговата „Болница“, која играше на 43 МОТ на 26.09.2018 е уште еден пример за тоа.
Најголемиот дел од дијалогот е на „измислен“, бесмислен Исландски јазик, па приказната ја дознаваме преку гестови, говор на тело и занимлива танцова кореографија. Три медицински сестри (Guri Glans, Gunhild Aubert Opdal, Ingri Enger Damon) се заборавени на рабовите на фронтот на една или друга војна. Со исклучок на повремените повици и пораки од еден Американски војник, тие се оставени сами на себе. Времето го трошат измачувајќи се една со друга, правејќи си повреди за да можат да се лекуваат, и злоупотребувајќи дел од лековите кога тоа е можно. Повремено, ги гледаме знаците на љубовен триаголник во кој една од нив се јавува како доминантна, но и садистичка, за потоа бргу да се помести балансот на моќ. Секој од ликовите има свој карактер, а заедничката игра е прецизна без да изгуби на шарм.
Сценографијата на Стромгрен го поддржува тој впечаток со начинот на кој е изградена, како серија од живи слики (tableaux vivant) во кои се е на своето место. Суптилното осветлување на Стивен Ролф (Stephen Rolfe) создава чувство на интимност и сонливост. Заедно со прецизната изведба на кореографијата, овие елементи создаваат впечаток дека секој чекор и секој преод во претставата е промислен и разложен пред да биде вграден во неа. Невозможно е да не се забележи вниманието кое е потребно за да се постави една ваква мала „машина“ од претстава.
Играта го поддржува впечатокот. Актерките и нивните ликови го градат ритамот со чувство на извежбаност и координација. Правилата на игра, еднаш воспоставени, се следат ревносно. Тоа го прават и ликовите. Кога главната сестра, која ги понижува останатите две сестри, заспива, и тие наоѓаат начин да ја понижат и покорат неа.Наспроти убавите впечатоци за сцената, светлото и кореографијата, самата приказна во „Болница“ има недостатоци. Краткото времетраење дозволува танцот и моментите на физичка комедија да го задржат вниманието, но без очекуваното драмско или драматуршко поентирање. Медицинските сестри дознаваат, како што публиката веќе долго знае, дека се оставени сами на себе, но како растат нивните ликови од тоа? Во тој чин изостанува конкретна порака или насока, па крајот на претставата остава само млак впечаток. Расплетот е брз и без дефинитивно емотивно празнење.
Тоа што добар дел од приказната личи на секвенца од сон, најавува дека во некој момент треба да има и будење. Без тоа, „Болница“ е симпатична и забавна, но оценката не е чиста „петка“.
Текст: Атанас Димитров
Фотографии: Стефан Самандов и Jo Stromgren Kompani