Кон „Пасија по Биби“, соло-перформанс, текст, светло, музика и дизајн на Петар Милошевски.
Оцена: 5/5.
Култниот статус кој го добил „Блејд Ранер“ во 80тите години од минатиот век поттикнал низа на морални прашања кои се релевантни и ден денес. Право-пропорционално со развојот на технологијата расте и идејата за дигитална интимност и емоционална исполнетост. Дали луѓето, со помош на најсовремените апарати, очекувано напуштаат напори за вистинско поврзување?
Хаотичниот и брз начин на живот не ни дозволува многу слободно време, па дали е рационално и сосем нормално да се бара сексуална утеха во нешто што веќе ги знае индивидуалните потреби на личноста? Едноставниот одговор е да. Како резултат на тоа, добредојдовте во 21виот век и во реалниот живот, секс роботи.
Биби не е каков било секс робот. Биби може да биде што сака клиентот да биде, без разлика на човековата сексуална ориентација. Биби е толку софистициран, што не само е секс играчка туку и животен придружник кој ужива во сите фетишистички игри на својот господар, а ужива и да го рецитира Шекспир по желба.
Во оваа конзумерска утопија сепак постои еден мал проблем. Биби со текот на времето започнува да развива вистински емоции за својот господар, што е спротивно на правилата за игра. Во тој момент, сите морални компликации кои до тогаш се во сенка излегуваат во одмазда. Трите заповеди на славниот писател Исак Асимов кои се однесуваат на роботите (покорување, служба, никаков физички напад врз жив човек) кои до тогаш неформално биле прифатени, сега имаат огромни морални проблеми. Кога едно суштество ќе биде сметано за свесно и со одредени права? До кој степен може и треба свесните роботи да се изложени на работи кои веќе не сакаат да ги прават? Што значи воопшто да сакаш и да си човечен?
Сите овие прашања немаат лесен одговор, а кој воопшто може и да се обиде да ги одговори? Петар Милошевски е доволно храбар, „луд“ и талентиран да преземе емоционално оптоварувачка тема и да ја обработи на визуелно спектакуларен начин во вид на соло перформанс. Тој го оживува роботот Биби и му дава сексапил, комплексни емоции и огромна доза на жилавост.
Изведбата на Милошевски е насилна, сурова, но и на моменти многу нежна што покажува совршена сталоженост и дисциплина карактеристична за актер со многу поголемо искуство зад себе. Начинот на кој што го изговара текстот на кој самиот тој е автор е синхронизиран со неговата оригинална кореографија без никаков пропуст, па емоционалниот товар кој го пренесува врз публиката е уште толку ефективен.
„Пасија по Биби“ е мало ремек дело кое ретко кој до сега го посведочил. Лондонскиот Evening Standard го прогласил овој соло перформанс во топ 10 претстави на Камденскиот Фестивал во Велика Британија што сведочи за влијанието кој овој млад уметник успеал сосема сам да го наметне.
Маестрално е придавка која можеби и не го опишува целосниот впечаток после изведбата на претставата – Петар Милошевски успева да го претвори Биби во многу повеќе од само секси Репликант.
Петра Бранковска