Гласови небесни – Гласови земски

...„режисерот со минималистички пристап приоѓа кон водењето на обемната содржина, играта со говорот, и музиката, ги користи до самиот крај и тоа е сѐ што му е потребно за да го прикаже епското на сцена."

Кон „Царство Небеско“

23.05.2018/ 19:00ч

МНТ

Гостување на Српско народно позориште

Имагинацијата е најголема привилегија на човековото постоење

 

Јернеј Лоренци

 

Епика балканика“ е поднасловот на оваа претстава, затоа што со себе го носи средниот век од овие простори, српската епска поезија, митологијата и митоманијaта со која работи самиот режисер. „Царство Небеско“ на најубав можен начин преку епскиот стих и се обраќа на домашната публика. Поставката  е копродукција на Српскиот народен театар и Битеф театарот премиерно одиграна на 51-то издание на Битеф фестивалот. Овие две сцени ги спојува идејното решение на режисерот Лоренци да се игра и гледа во два различни простори како симбол во патувањето на приказните кои се раскажуваат од минатото па се до денес. Словенечкиот режисер е јасен во своите намери во создавањето на оваа претстава затоа што центарот на неговиот опус се врти оклоку древните приказни и песни, неговиот интерес е во содржината на епското, суровоста, непосредноста, со помалку лага и отворени страсти. Во 2017- та ја поставува и претставата „Библија“ во СНГ-Драма -Љубљана.

 

Средниот век со сиот раскош и ужас

 

Ова не е класичен драмски текст, бидејќи подлогата за се што се говори се токму епските песни и приказни, од нив се градат ликовите на сцената, а со песните почнува и завршува постоењето и страдањето. Крвта, борбите, интимноста, жртвувањата и загубата е се она што се слуша и гледа на сцената преку интерпретацијата на епскиот стих. Темелот на ова епско бдеење се случувањата пред и по завршувањето на Косовската битка, а во неа испреплетени ликовите на мајката  Југовиќ, косовската девојка,  царица Милица, кнез Лазар, косовскиот јунак и Вук Бранковиќ.

Девет столчиња на платформа, поставени полукружно на сцената, два клавира и осум микрофони се првиот поглед кон „Царство Небеско“. Со песната за смртта на мајката на браќата Југовиќ (Олга Одановиќ) започнува и патувањето на оваа претстава и уште од самиот почеток колку и да  ви е непознато за што станува збор, нејзината интерпретација ве носи во траорот низ кој минува. Првиот дел од играта е сместен на големата сцена на МНТ.

Во овој простор се поставени случувањата пред Косовската битка. Замислен како запознавање на актерите, кои преку српската епска поезија со разбирлив и на моменти духовит јазик го претставија личното искуство на македонската публика. Како што одминуваше времето така се надополнуваа приказните на актерите и приказните на ликовите. Вториот дел се одигра во МКЦ кино сала „Фросина“ каде што се пренесени случувањата по завршувањето на Косовската битка. Поинаков амбиент, каде играта можеше да се следи и со публика на сцената  а во средината поставена маса од страните на масата електрични пијанина и микрофони. Соочување со загубата, жртвите во изгубената косовска битка, загаснувањето на опеаната љубов на кнез Лазар (Бојан Жировиќ) и царица Милица(Наташа Нинковиќ) која резултираше со одлична партнерска игра воочлива во своите намери, да го покажат припаѓањето еден на друг, милувањето, потребата од блискост и љубов.

Во поглед на целиот ансамбл на моменти заостануваше играта на Косовскиот јунак (Милутин Милошевиќ) кој, обземен во играта на телото, потфрли  во јаснотијата на говорот, и ако блиску до него сепак не се дослушуваше текстот кој го говори, пролетуваа и замачкани зборови на краевите од неговото излагање. Останатите „грла“ кои беа константни во играта со титула на моќни раскажувачи и одржувачи на рамнотежата во претставата се Хана Селимовиќ како косовска девојка, Нада Шаргин, Никола Вујовиќ, Славен Дошло и Бранко Јерениќ.

 

„Царство Небеско“ е игра на звукот и гласот, музиката е клучна затоа што дава јасни назнаки и ја поткрепува емотивната состојба на ликовите. Во првиот дел се вметнуваат звуци на штурци кои создаваат чувство на залутаност длабоко во ноќта, каде талкаат судбините на ликовите во претставата.  Како секвенци се користи речитативност со едноставен музички јазик кој се повторува во придружба на пијаното во изведба на самите актери. Вметнување на хорско пеење од страна на целиот ансамбл. Во вториот дел се користат цитати од византиски пеења без текст со чисти вокали кои го надополнуваа интимното, мистичното и магичното во односите на сцената.  Значајно за оваа претстава е дека режисерот со минималистички пристап приоѓа кон водењето на обемната содржина, играта со говорот, и музиката, ги користи до самиот крај и тоа е се’ што му е потребно за да го прикаже епското на сцена. Затоа прави одличен ансамбл со актери кој имаат продорен/ здрав гласовен апарат како оној на  кнез Лазар (Бојан Жировиќ) кој ја занемува публиката со својата волуменозност. Костими кои одаваат белег на отменост и свеченост, така го задржува погледот кон ликот кој се обраќа од сцената. Со овие елементи тој ги исполнува двете сцени на кој се игра претставата. Режисерот ја пренесува епиката на најнепосреден начин без помпезност во сценографијата без грандиозен музички јазик, со игра од секојдневниот човечки однос во сегашноста, комбиниран со јазикот на епиката од  историското и митското кои му даваат за можност да си поигрува со доживувањето на публиката. Лоренци го оправдува својот сензибилитет со оваа одлична претстава во голем дел статична но живаа преку начинот на раскажување, кој е негов клуч во разработката на материјалите од минатото пренесени во сегашноста.  

Режија: Јернер Лоренци  

Асистенти на режија: Тара Маниќ, Југ Џорџевиќ, Растислав Чопиќ,  

Кореограф – Грегор Луштек 

Драматург: Матиц Старина  

Сценограф: Бранко Хојник  

Костимограф: Белинда Радуловиќ  

Композитор: Кармина Шилец  

 

Дамијан Каранфилов

Have your say