Од изведбата на 24.09.2018, 43 Млад отворен театар, во Скопје.
Во изведба на Szkéné Theatre – Forte Company – Будимпешта
Режија: Чаба Хорват – Csaba Horvath
Играат: Máté Andrássy, Borbála Blaskó, Csaba Krisztik, József Kádas, Norbert Nagy, Katalin Simkó, Csaba Okros.
Откако нивната мајка ги остава на милост и немилост во куќата на нивната баба, двајца нераздвојни близнаци постепено ја заменуваат својата човечност со бескрупулозност. Паролите за љубов на мајката која ги напушта се брзо надвикани од секојдневните казни и лекциите за вистинскиот живот на бабата. Во позадината на нивните лични премрежја, се разгорува војна која стига до прагот на селото во кое живеат. Настаните кои го обележуваат нивниот влез во светот на возрасните ги запишуваат во бележник, во кој се заколнуваат да пишуваат „само вистина“.
Новелата на Агота Кристоф (Agota Kristof), по која е поставена претставата, изобилува со ликови. Во кондензираната верзија на Хорват постојани се само улогите на Близнаците и Бабата, кои ја носат на плеќи централната тежина на дејството. Останатите актери, пак, постојано ги менуваат своите ликови. Малите, но впечатливи промени во костимографијата (на Мари Бенедек) ги држат заземјени во изолираниот свет на бележникот. Така, милозливиот војник се претвара во мазохистичкиот офицер, во похотниот свештеник, во таткото-повратник и други. Ова менување на „маските“ создава перспектива во која публиката го врзува својот светоглед со тој на Близнаците. Дури и во најмрачните моменти, овој пристап го задржува чувството на симпатија и сожалување кон нив. Тоа е така кога го уценуваат локалниот свештеник, или кога ја тепаат баба си, или кога се тепаат меѓусебно, „за тренинг“. Во ова чувство на навлезеност во светот на „Бележник“ помага и сценографијата изградена од зеленчуци, кои истовремено се и реквизити.
Наспроти централната тема, тешките услови пред кои ги поставува своите главни ликови, Хорват многу проникливо наметнува уште еден мотив. Тоа е прашањето за скриената природа на луѓето кои се фрлени на работ на човечноста за да преживеат. Колку брзо ја забораваат мајчинската љубов Близнаците, колку лесно ги учат лекциите за насилство, закани, бескрупулозност! И колку едноставно од публиката прават соучесник во сите свои дела и злодела! Ви останува само да се прашувате колку е тенка фасадата на совеста, ако паѓа по само неколку удари.
Само на крајот, во последните минути од претставата, почнува да се чувствува заморот од целиот товар на страдања приредени врз и од ликовите. Силниот насилен стимул почнува да го губи ефектот откако веќе ќе ги раздразни нервите на гледачот до нивниот биолошки максимум.
Претставата можела да преживее едно внимателно кондензирање без да изгуби од квалитетот. Оваа забелешка не одзема од примарниот впечаток дека „Бележник“ е одлична претстава. Топло препорачувам.
Атанас Димитров