Од изведбата на „Пасија по Биби“ 25.09.2018, 43 МОТ 2018
Текст, режија, музика, сценографија: Петар Милошевски.
- „Изведувај ми! Играј ми некаква улога!“ – Господарот, кон Биби
Во „Пасија по Биби“, публиката не може, но да не се судри со сопствената изолација. Во проектот во кој е автор, одговорен за светло, музика и дизајн на сцена, Петар Милошевски успева да создаде сложен преглед на болките и болестите на денешницата во нешто помалку од еден час.
Во светот во кој луѓето стануваат сѐ подалечни, тие забораваат како да го понудат своето тело на другите. Физичката интимност станува премногу – интимна. Биби е иднината на сексот, интелигентен робот кој може да готви, да чисти и да го одржува вашиот дом. Биби знае и да води секакви разговори, на памет да ги рецитира Шекспир, Бергман, Чехов. Најважно од сѐ, Биби ќе има секс со вас кога и да посакате.
Вака отприлика изгледа врската помеѓу Биби и господарот на Биби – Биби служи и опслужува по потреба. Тоа кое што производителите на Биби не го очекуваат е дека интелигенцијата на Биби полека ќе почне да гради и чувства. Биби почнува да се грижи за својот господар, за својата судбина, за фактот дека воопшто поседува чувства. „За прв пат, кога го допрев, можев да го почувствувам!“ – вели Биби за својот господар. Ова е првата нишка во приказната на Милошевски, која говори за опасноста од зависноста од модерните помагала и неочекуваните последици од нивната небрежна употреба. Правејќи човечки работи, Биби добива човечки карактеристики.
- „Не едно нешто ниту другото.“ – Биби, за себе.
Вториот наратив е изграден од намерно андрогениот изглед на Биби, робот, игран од маж, со женски полови обележја, зацврстени со модерниот дизајн на костим на Антонела Петрокаро (Antonella Petrocarro). Овој пристап кон физичкиот изглед и манерзимите на Биби му дозволува на Милошевски истовремено да говори за зголемената флуидност на родовите и родовите улоги. Биби не е „таа“ или „тој“ , туку е „тоа“. Биби е „тоа“, не поради фактот што е предмет, туку поради фактот што нема прецизен родов идентитет. Несомнено е дека Биби е личност. Милошевски го оплеменува со таква сила на емоции, во контраст на прецизните, механички манеризми на кукла на навивање. Тој внесува изговор и тежина во секој збор. Музичката подлога дополнително го бои ликот. Ова е највпечатливо во зенитот на дејството, кога растечката тензија кулминира со едно неочекувано, но сосема соодветно музичко крешендо.
- „Веќе не бев тоа што сум.“ – Биби, за нас.
Третиот, можеби потзаскриен, но сѐприсутен наратив е тој за модерната осаменост. Милошевски сака да говори и за модерната технологија, за промените на хоризонтот, да. Но уште повеќе, тој во претставата вградил мрачно огледало низ кое публиката треба да се види себеси. Да се види и да се соочи со изолацијата и загушувањето на сопствената емпатија. Денес онлајн животот ја скратува далечината, но ја гуши блискоста. Задоени со инстант-задоволствата на веков, луѓето ја губат мотивацијата да вложуваат во себе и во другите. Дигиталните награди и пофалби стануваат евтина, брза храна за душата, а „поскапите“ задоволства одеднаш го немаат истиот вкус. Милошевски прашува која е вистинската цена за овие промени.
Дали е Биби тоа кое почнува да добива чувства, или ние сме тие кои треба да соочиме со губењето на своите? Кога човеколикото станува поживописно од човекот, одговорот е јасен. Топло препорачувам.
Атанас Димитров