„Кралските Копилиња“ – Смела идеја и силна изведба

„Вниманието кон деталите и трудот кои Димоски и сите вклучени во проектот ги вложиле се исплатат. „Кралските копилиња“ зрачи со енергија.“

 

Од изведбата на „Кралските Копилиња “ на  26 07 2018 во програмата на ФАД Стоби во Велес

 

Кралските Копилиња е авантгарден проект на кој просечната домашна театарска институција најверојатно не би се нафатила.  За среќа, Сашо Димоски, нејзиниот автор и режисер, има плодна соработка со ансамблот на театарот Јордан Хаџи Константинов – Џинот. Ова искуство му дозволува претставата да ја постави со самодоверба и цврста, но мирна рака.

 

Димоски ја истражува судбината на семејството на грчкиот крал Агемемнон (Васил Зафирчев). Агамемнон ја жртвува својата ќерќа Ифигенија за да обезбеди победа во опсадата на Троја. За да може да ја доведе до себе,  ја лаже својата сопруга Клитемнестра (Кети Борисовска) дека ќе ја омажи за Ахил. Кога тој се враќа дома, по една деценија, Клитемнестра е сеуште обземена од жалење и гнев за смртта на својата ќерќа. За да се одмазди за смртта на Ифигенија,  таа го регрутира и нејзиниот љубовник, Егист (Фаик Мефаилоски).  Со тоа го започнува кругот на насилство кој го обзема целото семејство.

 

„Кралските копилиња“ презентира дестилирана, симболична визија за митот. Сцената, поставена од Филип Коруновски,  е остро издигната од едниот крај, а опаѓа кон другиот, па истовремено си поигрува со визуелната перспектива на публиката и вградува чувство на напор во актерската игра.  Ова чувство го дополнува одмеренaта кореографија на Васил Зафирчев, која дава насока и значење на секое движење низ сцената. Со тоа, истовремено ги истакнува разликите меѓу ликовите, но и ги зближува во  заедничкиот наратив. Анимацијата и проекциите на Данчо Стефков, Крсте Шупев и Адам Мартинакис  ги поврзуваат сите чинови, во контраст на заземјеноста на сцената. Со нивна помош, ликовите стануваат поголеми од животот, истовремено мртви и бесмртни, луѓе и боголуѓе.

Единственото нешто што го спречува ова дело од тоа да биде вистински „тур д форс“ е актерската игра, која на моменти го мати добриот впечаток за претставата. Актерите, централно видливи во оваа поставка, се истовремено и најранливи.  Димоски, истовремено желен да ја задржи енергијата на наративот и свесен за капацитетите на ансамблот, ги сведува репликите на минимум. Дел од ансамблот пати од недостиг на модулација на сценските гласови, па пречестото извикување на малкуте реплики кои изгледа изнасилено и брзо станува досадно.  Единствено овој недостиг создава пречки во односот кореографија-визуелизации– наративно темпо.

 

Наспроти општиот впечаток за потребата од посуптилна игра кај дел од ансамблот, Фаик Мефаилоски одлично го игра ликот на Егист, љубовникот на Клитемнестра . Неговата дикција,  одмерениот сценски говор и репликите со кои го „храни“ Димоски градат прониклив портрет.  Тој гледа очи во очи со извесната судбина која му е „претскажана“, истовремено жестоко говорејќи против тиранијата, за час подоцна саркастично да извика „Бидете слободни! Бидете слободни!“ Тука е најдобро видлив затворениот круг на Димоски, со асоцијациите за неизбежноста на судбината, на љубовникот кој полносвесно, а неволно станува тиран, правејќи ја помоќна трагедијата на неговиот чин.

 

Вниманието кон деталите и трудот кои Димоски и сите вклучени во проектот ги вложиле се исплатат. „Кралските копилиња“ зрачи со енергија. Топло препорачувам.

 

Атанас Димитров

Have your say