„Клетници“ е бучна и недоволно самосвесна

„...претставата се растегнува во непотребно долг временски простор. „Клетници“ станува визуелно и наративно бучна и недоволно самосвесна. “

Од изведбата на „Клетници“ на Народен Театар Прилеп на 09.06.2018, во режија на Мартин Кочовски.

Виктор Иго најверојатно никогаш не претендирал „Клетници“ да биде лесно сварлива материја.  Текстот говори за згазените, за тие до кои сјајот на напредокот никогаш не допира. Ја обременува публиката со  сите злодела и несреќи во делото.  Оваа тежина е и предупредување за секој што сака да адаптира вакво дело– книгата може да се остави, но претставата мора да се одгледа во еден здив.
Режисерот Мартин Кочовски  цели да ја фокусира адаптацијата во  односот меѓу поранешниот затвореник, сега богат индустријалец и филантроп,  Жан Валжан, и инспекторот кој го гони, Жалвер (Александар Степанулески). Двајцата се поврзани преку ликот на  Фантин,  изнемоштената, самохрана мајка на Козета. Тие го претставуваат трагичното минато и бледата сегашност на француската држава.  Љубовната приказна за  Гаврош и Козета, штитеничка на Валжан, пак,  е симбол за надежта за подобра иднина, врамена во конфликтот од Јунската револуција во Париз во 1832.

Кочовски ја почнува приказната со близу 10-минутна канонада, на поле кое е полно со сценски конструкции и ликови кои гинат на бојните полиња. На него, Наполеон  држи говор кој е банален во својата помпезност  и шуплив во лицето на смртта која коси наоколу. Во „Клетници“ , големиот актерски ансамбл истовремено ја презема и улогата на сценски работници. Манипулирајќи ја сценографијата на Јулија Волкова Најман, истовремено ја градат сцената и умираат на неа кога тоа е потребно. Оваа прва вињета го сетира темпото и пристапот  за целата двоиполчасовна драма.  Координацијата и извежбаната кореографија даваат убав првичен впечаток.

За жал, по првите  френетични минути, претставата се растегнува во непотребно долг временски простор.  „Клетници“  станува визуелно и наративно бучна и недоволно самосвесна. Сцената на театарот “Војдан Чернодрински„ во Прилеп не може да ја издржи сценографијата. Актерите треба да се надвикуваат  со визуелниот шум, кој го „краде“вниманието од репликите.  Поради тоа,  гледачот не може да ја  процесира ни армијата на ликови кои дефилираат пред него истовремено. Музиката (на Фолтин) е симпатична и евокативна, но се губи во тој виор. 

Тука страда клучната нишка на претставата, односот меѓу Валжан и Жавер. Во промотивниот леток, Кочовски најавува анализа на инспекторот  Жавер,  кој:  „Покажува човечка добрина и слабости кои досега не биле чепнати  при обработка на овој роман“. Степанулески уверливо го игра Жавер  со полна пареа до самиот крај, но пренатрупаноста не му дозволува да поентира.  Љубовната приказна на Гаврош и Козета не буди никаква емотивна реакција кај гледачите, изгубена во маргините.  Иако физички подготвени, актерите немаат ни вокална кондиција за предолгата претстава, и покрај озвучената сцена. 

Од сево ова, заклучокот е дека на претставата и е потребно едно добро потшишување, временско,режосерско и драматуршко.  Без тоа, на крајот на „Клетници“ , гледачот останува заморен и збунет, без  катарзата која така храбро ја најавува воведната сцена. Исто како и говорот на Наполеон, заклучокот останува изгубен, некаде во етерот.

Атанас Димитров

 

Have your say