„Ајнштајновите соништа“ кои ги будат сите сетила во вистинско време

„Претстава која успева да ги разбуди сите сетила на гледачот, не оставајќи го да земе здив од динамичната размена на емоции.“

„Ајнштајновите соништа“ кои ги будат сите сетила во вистинско време

Постои едно место на светот каде времето постојано се менува, се раѓа и по неколку часа умира, за одново да биде родено. Во театар, времето е кружно, времето е воден тек, тоа е видлива димензија која во исто време одговара и не одговара на реалноста, тоа е релативно, како една теорија која неуморно се докажува во секојдневието. Какво и да е, времето (во театарот) секогаш има причина за сопственото постоење. 30ти мај, 2018. Среда навечер, во Скопје. Втора изведба во Македонскиот народен театар на „Ајнштајновите соништа“ според истоимениот роман на Ален Лајтман, во режија на Слободан Унковски, гостува Југословенско драмско позориште.

Во потрагата по врската помеѓу науката и уметноста, Лајтман (инаку физичар по струка) создава една прекрасна авантура низ замислениот свет на соништата кои ги сонувал Ајнштајн во времето кога ја развивал својата теорија на релативност. Романот, кој датира од 1991 година, е преведен на повеќе од 30 јазици и претставува фикција која реално заболува, насмевнува, радува и растажува при секое читање. Обвиени во апсурден реализам, „Ајнштајновите соништа“ се неостварливи во физиката, но возможни во театарот. Веројатно и од таму тргнува фасцинацијата на режисерот Слободан Унковски да се враќа на овој текст и одново да го создава овој несвесен свет на Ајнштајн во кој најмалку од се зборува за наука, а многу повеќе за човечкиот однос кон времето.

Оваа втора поставка на Унковски, кој претходно ја режираше „Ајнштајновите соништа“ во копродукција на Театарот на навигаторот Цветко и Народниот театар „Војдан Чернодрински“ и чија премиера беше на 28.11.2015, е одличен пример за тоа како една идеја, за која Унковски вели дека е стара повеќе од две децении, еволуира низ годините. „Ајнштајновите соништа“ во продукција на ЈДП е естетско доживување кое ги буди сите сетила од почеток до крај, оставајќи слатко – горчлив вкус за минливоста на времето. Претставата е составена од повеќе фрагменти – светови дефинирани од времиња кои ја будат човековата имагинација и човечките сеќавања за во еден момент да се најде некаде помеѓу сите нив. Неагресивен, самоуверен и возбудлив урнек за модерна поставка која го оправдува постоењето на театарот денес. Драматизацијата е на Русомир Богдановски, а пак драматургијата на Јелена Мијовиќ кои создаваат драмски текст што магично ја води публиката на физичкото и умственото патување на Алберт од Берн до Њујорк.

Но, покрај одличниот текст и режија, актерската екипа е таа која го внесува гледачот во длабочините на овие соништа. Мешавината од стари и млади актери воопшто не пречи да се создаде една синергија која на сцената делува спонтатно и лесно, како во еден сон. Колективната игра, непретенциозноста на актерите и одличната глума за момент ја маскира вистинската реалност, дека станува збор за претстава и дава чувство на гледачот дека е случаен сведок на дејствието во некој друг простор и време. Веројатно е дека искуството си го прави своето, и тоа ја прави Бранка Петриќ, која ја игра Луце и воедно е најстариот член на екипата, да биде неверојатно убедлива терајќи го гледачот да се впие во нејзината изведба секогаш кога ќе се појави на сцената. Играта на Анита Манчиќ  и Бранко Цвејиќ во улогите на Дафне и Ерколе е одличен пример за партнерство на сцена. Како сопружници кои се во брак повеќе од 300 години, нивните Дафне и Ерколе се извонредна и непретерано мрачна илустрација за конечноста на човековата љубов и навките кои времето ги остава. Ликот на Алберт игран од Драган Миќановиќ е соодветен спој на рационалност и фантазија, правејќи суптилен, скоро неприметлив премин од еден лик во друг што ја потврдува актерската умешност на Миќановиќ. Остатокот од екипата го сочинуваат Радован Вујовиќ, Наташа Тапушковиќ, Марија Вицковиќ, Милена Живановиќ, Вучиќ Перовиќ, Марко Грабеж, Милица Гојковиќ, Филип Ѓуриќ и Јоаким Тасиќ. И секој со сопствени квалитети придонесува кон претставата на сцената оставајќи впечаток дека во процесот на создавање нивната заедничка игра била во фокусот без разлика на различните нивоа на искуство.

Музиката на Златко Ориѓански нежно ја надополнува атмосферата на сцена и земајќи ја предвид претходната работна историја со Унковски, ова не е нивната најдобра соработка. Сепак, сѐ уште „Солун – град на духови“ го држи пиедесталот на нивното заедничко работење. Од друга страна пак, современата сценографија на NUMEN/FOR USE соодветно го сместува дејството во просторот кој е нереален, но логичен – врзан, но нестабилен. Костимографијата на Лaнa Цвиjaнoвиќ е она што на ликовите им дава неверојатно автентична и современа естетика која може да стои рамо до рамо со светските модни авангардни трендови.

Слободан Унковски и Југословенското драмско позориште имаат создадено магична театарска бајка која може да послужи како одлична насока за тоа како може да изгледа една модерна театарска претстава. Претстава која успева да ги разбуди сите сетила на гледачот, не оставајќи го да земе здив од динамичната размена на емоции. А кога е вистинското време? Тогаш кога сме најранливи, кога секоја пора од телото гледа рефлексија на себе си, заљубувајќи се или замразувајќи ја сликата во огледалото.

Петар Антевски

Have your say