Кон „Дух“ од Дејан Дуковски, во режија на Срѓан Јанаќиjевиќ, продукција на МНТ.
„Хамлет“ од Шекспир е класична трагедија, која и до ден денес инспирира илјадници театарски режисери. Таа исто така влијаела и на развојот на светската кинематографија, најмногу преку адаптацијата на сер Лоренс Оливие во 1948 и од таа на Кенет Брана во 1996. Младиот принц Хамлет е воден од желбата да го одмазди убиството на својот татко. Примамливоста на ова дело лежи токму во начинот на кој се носи со тоа – дали целта ги оправдува средствата – па не е чудно што авторот на претставата „Дух“, Дејан Дуковски, во својата трета соработка со режисерот Срѓан Јаниќијевиќ се обидува внатрешната борба на Хамлет да ја транспортира во Македонија во 21 век.
Паралелите помеѓу овие две дела е невозможно да не се забележат. Додека во „Хамлет“ главниот лик е младиот наследник на престолот измамен од Клавдиј, македонското алтер-его е Александар (Гораст Цветковски), кој е излажан од капиталистичкиот систем и го губи својот имот. Во моментот кога прв пат се појавува, дознаваме се што треба за него и за неговиот карактер, главно поради просторот (заслуга на Велимир Жерновски), кој е совршено минималистички и со најмал број риквизити што овозможува фокусот да биде на психолошката состојба на ликовите на сцената. Најблиските често го нарекуваат Александар по прекарот Мара, кој другарите му го дале уште од младите години поради честото конзумирање на марихуана и младешката романса со Марија (Тина Трпковска), која подоцна му станува сопруга. Трагедија влегува во животот на Мара кога тој решава да ја земе правдата во свои раце воден од Духот на својот татко Никола (Емил Рубен) и да се одмаздина сите волци и крвопијци на врвот од општествената скала. Слично како што духот на стариот крал Хамлет му зборува на својот син за своите убијци, така и Никола служи како изговор, кој Мара го користи да се оправда за своите крвави акции.
Секој следен чекор што Мара го прави за да стигне до самиот врв на креаторите на неговата трагедија е крвав и исполнет со многу монолози со кои се објаснуваат неговите мотивации. Проблемот сепак не лежи само во текстот, туку и во актерот, кој е избран да го долови Мара. Гораст Цветковски е едноставно недеволно убедлив во својата улога, па за публиката да сфати како Мара всушност се чувствува, тој се наслонува на огромна експресивност и повишен тон на глас. Страста е тука, но интерпретацијата е форсирана.Таа слабост најмногу доаѓа во израз во една од последните сцени кога Мара конечно доаѓа до врвот на неправдата, односно Волкот (Тони Михајловски), кој за разлика од Гораст, комплетно ги доминира своите сцени со огромна доза на резервираност, па со најмалата фацијална експресија покажува зошто токму тој е шефот што ги влече сите конци. Сличен дисбаланс на актерската игра покажува и семејството на Мара. Додека Тина Трпковска во улогата на Марија ги изразува своите емоции на потиштеност и грижа на суптилен начин и преку внимателен допир и поглед кон својот сопруг, Тања Кочовска како Аспасија, мајката на Мара и Никола, немаат никаква хемија и силно се потпираат на гласни изјави за љубов и страдање без многу емоција во нив.
Освен очигледната разлика во класа меѓу актерите, огромна причина за загриженост е третманот врз жените. Текстот на Дуковски содржи четири женски ликови, од кои три се дефинирани само преку нивните партнери. Сопругата на Мара не е ништо повеќе од реквизит, кој е тука да нѐ потсети колку тој всушност е сакан. И покрај тоа што Мара не ѝ носи ништо освен болка, страдање и немаштија, таа е секогаш тука да повторува како канаринец колку го љуби, сѐ ќе направи за него и ќе ги рашири нозете кога тој ќе посака. Во сличен стил е напишана и Жозефина (Нина Деан), партнерка на Николај (Сашко Коцев), кој припаѓа во дружината на Волкот. Таа прави сѐ што Николај и кажува – се понижува, се разголува, води административни работи – за откако тој умира, да го бара истото кај Мара.
Просечен кастинг и недоволно разработен текст, кој не успева да се носи со стандардите на 21 век се лоши дамки на една претстава, која има огромен потенцијал. Прашањата што „Дух“ги поставува и предизвикува гледачите да размислуваат за нив и откако ќе заминат од театарот се соодветни за општеството во кое живееме. Сѐ што останува е да ги усознаеме тие грешки и соодветно да ги прилагодиме за Македонија во 21 век.
Петра Бранковска ★★★✩✩