Македонски Театарски Фестивал
„Војдан Чернодрински“
Прилеп
Неподнослива е топлината кој мака мачи да издиши со порен дожд за да и олесни на земјата и на оние кои едвај го дишат воздухот газејќи на неа. Опколен со облци пристигнувам во градот каде се чествува името на првиот македонски драмски автор. Војдан Поп Георгиев – Чернодрински, оној Војдан кој имал доблест за себе да каже дека ништо не напишал.
„Што напишав јас? -Ништо не напишав. Јас го препишав од се уште ненапишаната крвава историја на Македонија она, кое читателот ќе го прочита, а гледачот види во театарот… Успеав ли? Дали точно препишав? – не знам; за тоа нека се искажат г-дата критичари. Ако сум успеал, се радувам, ако пак не, сиот грев го фрлам на оние кои можат поубаво да ја извршат оваа работа, која за мене не беше по силите ми.
Пред себе сум оправдан, зашто не мислев да бидам писател нити мислам, нити ќе мислам со тоа да го исплаќам долгот кон мојата поробена татковина“
Од предговорот на драмата
„Македонска крвава свадба“ – Софија, декември 1900 г
В.Чернодрински

Овој театарски фестивал сместен во градот на големци од поети, борци за слобода, учители го живее своето 53 -то издание. Бидејќи прв пат се среќавам со фестивалот не би можел да зборувам за годините што изминале, ниту овие впечатоци ќе се целосни затоа што не го пратев фестивалот до самиот крај и ако тие два дена во кои ја следев програмата беа интензивно театарско доживување .
Во своите златни години фестивалот како да не умее да ја привлече публиката (мислам на публиката од цела Македонија но и пошироко), при тоа да не спие на тоа уво дека на стара слава ќе привлекува внимание, она што ужасно недостасува е промоцијата, рекламата. Зошто да се дојде на овој фестивал?
Дали вистински се исполнети осумте фестивалски дена со дванаесет претстави во официјалната програма, потоа придружната програма која може многу покреативно да се искористи од колку да се редат само претстави играни доцна во ноќта кои го тестираат вниманието и издржливоста на публиката, се надевам тоа не е целта на фестивалот.
За да го направите во тие денови градот Прилеп, вистински град на театарот, треба во целост да ја анимирате публиката која ја повикувате да дојде и да го следи фестивалот. Верувам во тоа доколку раководството вистински го сака тоа што го работи ќе придонесе во збогатување на содржините на овој фестивал. Овие работи ги пишувам доколку ни е битен квалитетот во организација на фесивалот, ако е така тогаш ќе треба да поработиме на тоа да се искачуваме во нагорна линија.
Пишувам затоа што со мојот престој во градот тие два дена се забележува потенцијалот градот Прилеп вистински да живее во духот на театарот. „Војдан Чернодрински“ како фестивал со своите години и карактеристики заслужува да биде дел од европската мапа на театарски фестивали. Но пред да не мапираат или сами да се мапираме ќе треба да си ги подмачкаме столчињата во НУКЦ -„Марко Цепенков“ бидејќи на секое помрднување на публиката тие гласно крцкаа и попречуваа во следењето на претставата покрај нив и ревитализирање на целата внатрешност на културниот центар. Потоа народниот театар, кој уште не влезени ви укажува дека станува збор за дотрајана градба која очигледно не е на приоритетната листа за обнова од страна на локалната власт. Оти бадијала фестивалот ако не ги одржуваме театарските домови!
Ова фестивалско издание ми започна со следење на трибината насловена како „Театарската критика денес“ модерирана од професор. Д-р Ана Стојаноска. Од самиот почеток па се до крајот на трибината како што се отвораа темите, бев вознемирен затоа што не можевме да се разбереме, немаше нималу етичност кај повеќето излагачи, не умевме да се дослушаме, целата дебата се сведуваше на лична основа а не суштинско задлабочување за и во театарската критика. Но, разбирлива е горчината кај секој еден кој го следи и пишува за театарот затоа што во изминатите години просторот за театарска критика беше отфрлен, а и тоа што осптојувало било не така видливо. Без никакво насочување за важноста на таквите текстови, театарот кај нас критиката ја однесе на маргините. Немањето потреба да се слушне некаква проценка му наштети најмногу на театарот со тоа, тој го губеше својот правец, каде сака да се движи. Можеби и така требаше да изгледа оваа трибина во тоа хорско говорење затоа што по толку време се собираат оние кој до сега пишувале и се уште пишуваат и оние кои се јавуваат како нова генерација на театарски критичари оти пред се’ го сакаат и му мислат добро на театарот. До следната трибина верувам ќе можеме да детерминираме вистински проблеми, да носиме квалитетни заклучоци и идеи за подобри услови на театарската критика во Македонија.

На 53- то издание во официјалната програма имав можност да се запознаам со три различни ансамбли на Битолскиот, Прилепскиот и Струмичкиот театар. Она што ги карактеризира нивните театарски остварувања се премрежијата, испреплетени се борбата на човековиот дух, потребата за опстојување и докажување барајќи се себеси. Преку „Доктор Фауст“ на Андруш Урбан, „Клетници“ на Мартин Кочовски и „Царот Владислав“ на Баранко Ставрев, некои успешно, некои помалку успешно ја покажаа својата актерска игра, своите умеења. Без ралика на сопствениот суд за изгледаните претстави, ова се текстови и игри за кои вреди за се зборува, се со цел да создаваме поквалитетен театар кај нас. Првите впечатоци од запознавањето со овие ансамбли е навистина силен, затоа што кај дел од нив има вистински материјал за работа, енергија која вреди да се негува на сцените на кои играат. Се што ни преостанува е да ги чекаме нивните идни остварувања и будно да го следиме нивниот растеж.
Гледајќи во аматерските фотографии од телефонот, направени од видикот на Зрзевскиот манастир, таа широчина и глетка беа доволни дури и преголеми за склкопување на впечатоците од деновите што изминаа. Со воз низ пелагониската котлина на зајди сонце и чисто небо, се враќам таму каде што асфалтот најмногу гори. Скопје, градe мил.
11/16.06.2018
Дамијан Каранфилов