Од изведбата на „Дух“ во понеделник, 21.05.2018
Овој понеделник, сетилата на публиката во МНТ беа бомбардирани со аудиовизуелен напад од разорни пропорции. Сите 20 илјади вати енергија во сабвуферите на големата сцена ржеа како земјотрес, знамиња се виореа, битки се биеја. Човечки судбини се кроеја, а почесто, се раскројуваа. Станува збор, секако, за изведбата на „Дух“, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ.
Текстот на Дејан Дуковски е заснован на лајтмотив од Шекспировиот „Хамлет“ , конкретно мотивот за одмазда на Хамлет, на кој во слободен стил се додадени наративни елементи од вечната транзиција и современи политички и културолошки архетипи од нашите простори. Претставата е прикажана низ серија подолги вињети, кои се случуваат консекутивно.
Главниот лик го игра Гораст Цветковски. Александар, по прекар Мара („Многу пушев како мал“, вели, Цветковски, додека Дуковски ѝ намигнува на публиката ), е шекспиролог, кој е на крајот на своето јаже. Откако банката му ја запленува куќата, поради неплатени долгови, Александар решава да се пресмета со неправедниот систем, во кој ја лоцира вината за неговата несреќа. Тоа, исто како и изворниот „Хамлет“, го прави преку вербални и физички дуели со претставниците на целата пирамида на моќ на системот. Додека траат тие дуели, секој од нив, комично несвесно, или проѕирно лажно, се колне дека, всушност, и тој самиот е жртва на истиот систем, иако истовремено е и негов џелат. Ова се можеби и најдобрите сцени во претставата, каде што Јаниќијевиќ го користи остриот јазик на Дуковски како бодеж за да ги пробие изговорите на тие што саќаат да имаат моќ, но ако може, да немаат никаква одговорност за последиците од нејзината злоупотреба. Истовремено, овие полуискрени изјави на антагонистите служат за да ја растресат типичната рамка на сила и контрасила, позиционирајќи го и Александар некаде на работ меѓу херој и антихерој.

Другата светла точка на претставата е сценографијата на Велимир Жерновски, која успешно го пренесува духот на Хамлет во модерното време, без да изгледа ниту анахроно, ниту хипермодерно. Со внимателна и штедлива рака Јаниќијевиќ ги поставува елементите на Жерновски на начин на кој ја врамуваат големата сцена на МНТ, без да ја оптоварат. Така, сцената заедно со пригушеното, на моменти скоро интимно осветлување на Илија Тарчуговски, контрастира со нападот на аудивизуелните ефекти за да обезбеди порамномерен впечаток за претставата како целина. И тоа е добро, бидејќи во ефектите се појавуваат првите пукнатини во оклопот на „Дух“.
Визуелните ефекти и актерската игра ја промашуваат целта

Визуелните и звучните ефекти на моменти изгледаат на тие, роднинските, од киносалите. Гласни и силни, создадени за да ве нападнат, да ве шокираат. Впечатливи. Премногу впечатливи. Тоа можеби не би било проблем доколку нивната употреба беше поконзервативна, но, исто како и во киносалите, шокот брзо преминува во замор кога сетилата ви се под постојана опсада.
Не мора да гледате внимателно за да видите дека во тој виор се губи и дел од пораката, контактот со публиката, што е, всушност, и првата сенка што се надвиснува над „Дух“.
Кога театарска претстава позајмува филмски јазик, како што прави „Дух“, ризикува да создаде јаз меѓу играта на актерите, кои треба на своите плешки да ги носат сите финеси на дејството, и публиката, која треба да ја прима пораката и да возвраќа на неа. Во претставата нема кинематографер и монтажер, кои ќе го кадрираат и сервираат дејството на публиката. Тоа мораат да го направат актерите со своите тела, лица, гласови. Во „Дух“, дел од нив го правеа тоа подобро од другите. Цветковски ја има силата и агилноста на очаен човек, кој нема веќе што да изгуби, но, му недостасува – енергијата, опсегот на емоции. Репликите наместо да ги насочи, ги остава да висат во етерот, каде што брзо се губат меѓу тие на ефектите, на останатите ликови, на темпото на претставата. Ја има фигурата на револуционерот, на духот што оди, но му недостасува гласот. Во својата желба да го направи интензивен, Јаниќијевиќ бара од него скоро постојано да вика, што брзо станува монотоно за гледачот, а најверојатно и за актерот. Ова е особено забележливо кога тој игра спроти искусните „волци“ Михајловски и Коцевски, кои играат во комфорот на ним веќе добро познати улоги, сосема прикладно, но и сосема лежерно, како некој што знае, доаѓа на испит без да учи и добива „осумка“ на стара слава.
За впечатокот, „виновна“ е на моменти и употребата на неколку сценски реквизити, кои како цело време да му се во рацете на Александар. Опасна работа се реквизитите во театарските претстави. Некогаш се извори на моќ, а некогаш, кога се користат премногу често, штаки – што, неслучајно, е едно од значењата на англискиот збор за реквизит. Тука, еднакво често се и двете. Колку пати можете да мавтате со пиштол пред публиката пред тоа да стане празен чин?

Истовремено, Јаниќијевиќ во својата адаптација, намерно или ненамерно, ги минимизира ликовите на жената (Тина Трпкоска) и ќерката (Матеа Јанковска) на Александар, кои, и покрај тоа што се присутни во неколку сцени, немаат доволно срж во себе, ниту доволно оган и нијанса во своите реплики, па се оставени повеќе на периферијата на дејството. Наспроти нив, доминираат родителите на Александар, кои ги играат Емил Рубен и Тања Кочовска, со кои ги делат повеќето сцени.
Конечно, исто како и во типичниот филм, публиката добро знае каде оди приказната уште долго пред да заврши. Јаниќијевиќ се обидува да ја заокружи претставата со нешто што треба да биде искрен повик за промени и револуција. За жал, раслоеноста, која ја предизвикуваат недостатоците на претставата прават сето тоа повеќе да звучи празно и заборавливо.
Земајќи го сето ова предвид, може да се заклучи дека Јаниќијевиќ прикажа солиден филм, но постави претстава, која е само гледлива, не и впечатлива.
Ниеден од недастатоците не ја прави „Дух“ претстава што треба да се избегнува. Напротив, сигурен сум дека ќе наполни уште многу сали и ќе им донесе задоволство и забава на многу гледачи. Ќе биде интересна за публиката, која ужива во визуелниот спектакл, впечатливите сцени и дијалогот, кој не претендира да биде длабочински. Во тоа, секако, нема ништо лошо. Сепак, другите, кои се научени да очекуваат повеќе од Јаниќијевиќ, од текстовите на Дуковски и од театарот, овој пат, за жал, ќе останат гладни.
Атанас Димитров