Кон белгискиот филм-пародија „Блокбастер“ во продукција на Collectif Mensuel, кој го отвори 43-тото издание на фестивалот Млад отворен театар.
Оцена: 4/5.
Која е најдобрата утописка визија за иднината? Како таа да се претвори во реалност без притоа да се поттикнат нови непријатности? Имаме ли како човештво План Б за решавање на некои од најголемите потенцијални конфликти, настрана од прогласување вонредна состојба? Пародијата „Блокбастер“ ги отвора сите овие прашања, но одговорите се во најмала рака апстрактни. Иако се доволни за да ја разбудат емпатијата и гладта за подобро утре кај публиката, нивниот ефект трае кратко и брзо избледува.
Главното стилско кредо во „Блокбастер“ е употребата на 1400 кадри од 160 холивудски филмови кои се прикажуваат безвучно на филмското платно во позадината. Во преден план се членовите на Collectif Mensuel и нивните реквизити со кои во живо ги произведуваат буквално сите звуци и шумови – од неподмачканите врати кои чкрипат, до ветрот кој дува низ улиците. Беспрекорно синхронизираните Сандрин Берго, Квентин Халој, Баптист Исаја, Филипе Лекрениер и Ренод Рига се истовремено задолжени и за дијалозите, но и за музичката подлога на претставата.
Иако основната приказна е предвидлива, петчлената екипа прави неочекувана интерпретација на протагонистите (сте се запрашале ли како би изгледал Рамбо во флегматична верзија?) и неколку „скокотливи“ референци од поп културата како паметно намигнување кон познавачите (на пр. Бред Пит и членовите на „Fight Club“ како главна редарска служба).
Во основата на приказната се владата и приватниот сектор кои имаат различни интереси. Во разрешувањето на овој конфликт (во корист на приватниот сектор), обичните граѓани страдаат како колатерална штета. Една истражувачка новинарка го пали првото чкорче во револуцијата преку детален напис на социјалните мрежи кој повикува на бунт, и така станува мета на платен убиец кој соработува со приватниот сектор. Паралелно со ова, еден чувар на банка се обидува да си го врати штотуку изгубеното работно место преку насилен упад во банката. Поради несреќен сплет на околности, полицијата го убива, а за да ја намали сопствената вина, го прогласува за терорист. Гневот на граѓаните се преточува во масовни протести кои полека излегуваат од контрола, што води до воена интервенција и прекин на електричната енергија.
Маестралноста на „Блокбастер“ лежи во прецизната дијагноза на социо-политичките циклуси и нивната универзалност, во комбинација со способноста за „приземјување“ на приказната во локалниот контекст преку употреба на само една обична парола. Па така, групното извикување „Нема правда, нема мир“ три пати од публиката има двојна намена: Целата приказна добива нов, локален призвук, а актерите имплицитно ја потенцираат важноста на директното учество на гледачите во посакуваната промена.
Сепак, родовиот дисбаланс на сцената отвора неколку прашања: Зошто гледаме само една актерка на сцената, иако во приказната има речиси еднаков број женски и машки ликови? Дали е ова намерна одлука за суптилно прикажување на холивудските стереотипи? Како би изгледала приказната ако колективот отидел чекор понапред и го отворел родовото прашање на свежиот начин на кој ги анализира климатските промени и сиромаштијата?
Со сите свои маани, „Блокбастер“ е храбра реинтерпретација на веќе познати мотиви и приказни. Иако цврсто стојам на ставот дека за овој филм-пародија да биде комплетен треба да понуди и одговор на прашањето „А што по револуцијата?“, непобивлив е одличниот прием од скопската публика. Можеби сѐ што ни треба е надежта за подобро утре.
Јована Ѓорѓиовска