Од изведбата на фестивалот Млад отворен театар, 24.09.2018.
Кореографија: Искра Шукарова, Урсула Еагли.
Играат: Студентите на ФМУ и Габриела Трајчевска.
„Сонував чудна шума… имаше сѐ!!“
Во фоајето на Македонската филхармонија, тивко и ненаметливо започна изведбата на „Чудна Шума“. Вработените во објектот мораа да ги замолат гостите, задлабочени во дискусија, да го насочат своето внимание кон трите млади танчари кои се појавија меѓу нив.
Без музичка подлога, во тишина, почетокот на перформансот се гради повеќе на внимателно одбрани пози, отколку на типичен танц. Кореографијата која ја имаат подготвено Искра Шукарова и Урсула Еагли (Ursula Eagly) овде се темели на пренесено движење, на допирот како главен импулс за акција. Одмерени без да бидат крути, танчарите полека-полека успеваат да ја извлечат публиката од секојдневието и да ги отворат вратите на еден различен свет. Воведот трае доволно кратко за да не стане монотон. По неговото завршување, публиката се премести во малата сала, во која веќе чекаше остатокот од ансамблот.
Во малата сала, музиката на Џијан Емин ја внесува публиката подлабоко во делото. Атмосферска, скоро медитативна, пропратена со ѕвонови и звуци на вода која капе, музиката суптилно го насочува наративот без притоа да го „краде“ вниманието од ансамблот. Од таму, вистинско изненадување е кога танчерите почнуваат да рикаат, да мјаукаат, да лаат и да играат како животни, па одеднаш, на публиката и станува многу појасен насловот на перформансот.
Играта овде укажува на внимателно планирање на кореографијата. Танчерите играат одделно, секој со карактеристиките на животното кое го евоцира, но истовремено градат заедничка приказна. Сцените во кои игра целата група се полни со една нервозна, исконска енергија. После секоја таква сцена, следи сцена во која игра еден или само неколку ликови. Тука имаат токму доволно време за да изградат разговор помеѓу различните ликови во приказната. Овие пофокусирани и посмирени сцени служат да го прочистат непцето на публиката и да ја регулираат тензијата на перформансот. Ансамблот во сите овие сцени игра координирано и самоуверено, засилувајќи ја насоката на претставата.
Шукарова и ансамблот го кријат последното изненадување во самиот расплет, кој е единствениот дел од перформансот во кој има и говор, прочитан од Габриела Трајчевска. Без да откривам премногу, ќе кажам дека крајот го сочинува и симболичното срце на „Чудната шума“. Кревко и искрено, како што доликува.
„Чудна шума“ е добар пример за тоа дека за квалитетна претстава е доволна една јасна порака, идеја како да ја пренесете и ансамбл кој знае тоа да го направи. Ја препорачувам.
Атанас Димитров
Фотографии: Стефан Сарандов