Кон „Неподносливиот бескрај“ во режија на Франц фон Стролхен, по текст/филмско сценарио на Кристиан Винклер.
Претстава/перформанс како дел од официјалната програма на Млад отворен театар МОТ 2018 „Кино Култура“/22:00ч/23.09.2018.
Оцена: 2.5/5.
Како да се стигне од Грција до Австрија без да ги забележите трагите на оние кои барале/бараат утеха во нов дом, бегалци од сите страни? Како да поминете низ границите кои се пред вас без да сочувствувате со приказните кои ве среќаваат по пат?
Љубопитноста, потребата да се видат и истражат простори ја поттикнуваат авантурата на актерките Наташа Сторк од Унгарија, Наталија Теодосиева од Македонија и Алина Вебер од Германија да се движат по балканската рута на бегалците, да создадат слика во која ќе има почеток и крај. Слика во која ќе умеат да се разберат една со друга, да го проживеат секое сведоштво за кое гледаат и слушаат. Да разберат дека можеби не се доволно силни да го носат товарот кој го собрале патувајќи.
Како дејствие се’ почнува на една читачка проба, каде целиот тим на перформансот работи на текстот. Режисерот Стролхен ја започнува, но не ја води пробата, ги чита дидаскалиите и од време на време прави минимални корекции во читањето на трите актерки. Всушност тие ја водат пробата – Наташа, Наталија и Алина го „возат“ текстот пред нив, читан на англиски. Тоа е дел од амбиентот кој е поставен пред публиката, просторија опколена со пакети потребни реквизити за она што го градат како игра.
„Неподносливиот бескрај“ е продукција во која се вкрстуваат филмското и театарското. Се’ е поставено на сцената, но се пренесува на два различни начини. Првиот кој функционира со директна игра т.е читање на текстот на актерките и вториот кој се пренесува преку видео снимки во истиот миг на платно во форма на документарни прилози исполнети со сведоштвата на луѓето со кои се соочиле самите актерки и истите ги толкуваат на македонски, унгарски и германски јазик, застанати пред објективот на камерата.
Можеби ова е најдоброто од читачката проба. Токму тие снимки во кои преку актерките зборуваа ликови кои се соочиле со бегалците, луѓе кои поминале по таа рута на бегалци и бегалски кампови, луѓе кои живееле во непосредна близина на она што се нарекува граница и бегалски патишта, токму тие ги споделуваат своите искуства и чувства.
Се издвојува како најдобро затоа што во таквите парчиња постоеше вистинска игра, кога актерките го напуштаа читањето и играа, се додека не завршеа со приказната која ја носеа. Во тие моменти, постоеше вистинското поврзување помеѓу публиката и дејствието на сцената, и кога снимката ќе завршеше повторно се префрлувавме во следење на пробата.
Триото девојки пред камерата одлично си ја вршеа својата работа со секоја реплика која беше дел од нив и тоа неизбежно се гледаше на платното, во очите, изразот на ликот и говорот. Она со што беа во постојана борба беше динамиката на двете паралелни приказни – онаа помеѓу трите девојки тргнати на пат и онаа со приказни собрани по пат, токму тука бледееше драмското дејствие.
Сместувањето на оваа продукција како перформанс можеби е дискутабилно затоа што преку експериментирање со два медиуми создаваат некаква целина. Многу повеќе се задржува чувството дека присуствувате на некаква читачка проба отколку на некаков перформанс. Не се знае успехот ако овој текст во првобитната појава како филмско сценарио сепак завршел како целосен филмски наместо театарски продукт. Гледајќи го како експеримент, тој се’ уште може да се развива и да си го најде вистинското место. До тогаш, во ваква поставка ќе успева да се продава затоа што желбата на гледачот да види нешто ново никогаш не згаснува.
Во меѓувреме, македонската театарска сцена би требало да си ја земе слободата во свои раце и да експериментира со својот театарски израз, како што тоа го прави оваа група млади луѓе собрана од цела Европа. Нивниот поттик нека служи за пример. Кога читачката проба се продава како алва, тогаш што ќе се случи ако ние се обидеме, замислете само ако се обидеме да направиме, нешто што е убаво, дрско, живо, од ова време, сега и овде?
Дамијан Каранфилов