„Царот Владислав“ растегнува златни нишки скриени во црнилото

„Текстот на Јанков, во римуван стих, дава особена мелодичност на претставата и го задржува вниманието до самиот крај. Наративот е занимлив, загадочен и лесно следлив. Минималистичката сценографија на Ставрев користи внимателно уредени елементи заедно со нарацијата на дворскиот шут за да ги обележи локациите на сцените. “

Во „Царот Владислав“,  режисерот Бранко Ставрев  го води ансамблот на НУЦК Антон Панов од Струмица низ интригите и заговорите кои го заокружуваат распадот на Самоиловото царство.  Ставрев, инспириран од елизабетанскиот и средовековниот театар, ja поставува ја изведбата во ритам со текстот на Борис Јанков.

Нема да згрешите ако приказната за Царот Владислав ја наречете „Македонскиот Макбет“. Taa говори за внатрешните конфликти, за корупцијата на моќта и на тие кои трагаат по неа.  По смртта на Цар Самоил, неговиот син кнез Гаврил (Коста Ангов) со многу маки добива благослов да го наследи престолот  од православниот епископ Данаил (Ванчо Мелев).  Данаил е загрижен од тоа дека кнез Гаврил ги толерира и не ги прогонува Богомилите. Гаврил дури се советува со богомилскиот старец Давид (Бранко Бенинов),  кого црквата го смета за еретик.

Наспроти него, неговиот братучед,  кнез Владислав (Стојан Велков-Трн) е богобојазлив, мирољубив човек кој секој ден го поминува во молитва. Владислав воопшто не е заинтересиран да биде владетел, сметајќи дека Гаврил го има целосното право на престолот. И покрај тоа, неговата жена, кнегињата Марија (Оливера Аризанова) започнува серија на интриги за да го донесе Владислав на престолот. Во тоа ѝ помага нејзиниот  љубовник, војводата Богдан (Ванчо Крстевски). Овие постапки ја започнуваат надолната спирала на приказната.

Силните страни на „Царот Владислав“ се јасно видливи.  Текстот на Јанков, во римуван стих, дава особена мелодичност на претставата и го  задржува вниманието до самиот крај. Наративот е занимлив, загадочен и лесно следлив. Минималистичката сценографија на Ставрев  користи внимателно уредени елементи заедно со нарацијата на дворскиот шут за да ги обележи локациите на сцените. Со тоа, целосното внимание на публиката е на актерската игра и на контрастот кој впечатливите костими на Елена Дончева го прават со темната, штедливо уредена сцена. Во нив,  Дончева успешно го доловува духот на ерата и раскошот на благородниците – главни ликови во делото.

За жал,  сценографијата ги засилува и недостатоците на ансамблот, кои се особено воочливи така, на „голо“. Дел од ансамблот е „склон“ кон изнасилена игра, а неколку од нив имаат проблем со изговорот и со гласовната проекција, па дел од сцените изгледаат смешно кога треба да бидат трагични или сериозни. Ова е особено видливо во улогите на Ванчо Мелев, кој ја потенцира скоро до апсурд староста и сенилноста на Епископот Данаил, и во играта на Ангелина Тренчева Ангелова, која ја портретира Царицата Ирена. Истите проблеми се јавуваат и во хорските изведби, кои звучат млако и неизвежбано. Единствените кои не се судираат со овој проблем се Велков и Ангов, во улогите на Владислав и Гаврил.  Овие проблеми создаваат впечаток дека ансамблот не е подготвен или не може да игра на поголеми сцени од тие на нивниот матичен театар.

И покрај недостатоците, „Царот Владислав“  има голем потенцијал. Приказната и сцената се веќе таму.  Потребно е само ансамблот да изнајде сили за да ја носи приказната на плеќи, па во Владислав навистина да го најдеме и Макбет.

Атанас Димитров

Have your say