Временската машина наречена „Буре барут“

„Дали тие намерно одлучиле да направат едно колективно патување со временска машина во 20тиот век за да ни посочат дека тогашните проблеми на Балканот се актуелни и денес? Или пак, оваа постановка е резултат на буквалистичко читање на драмскиот текст?“

Кон изведбата на „Буре барут“ на МОТ 2018.

Режија: Нина Николиќ, продукција: Босански национален театар од Зеница.

Оцена: 2/5.

Секогаш кога ќе дознаам дека се подготвува нова постановка на некој од веќе многу поставуваните драмски текстови, се прашувам што ново ќе понудат режисерот и актерскиот ансамбл, како ќе ги направат репликите релевантни за новиот контекст. Инаку зошто би одлучиле да инвестираат време, труд и финансии во показна вежба наречена „поставување на култен текст по формулата од праизведбата“? Периодов често си го поставувам ова прашање во врска со драмата „Буре барут“ на Дејан Дуковски, која во изминатите 25 години има доживеано „мал милион“ поставувања и се уште се поставува низ балканските театри. Последниот пример, изведбата во режија на Николиќ, само уште повеќе ми ја зголеми збунетоста.

Претставата го следи оригиналниот текст на Дуковски, во голем дел од времето и самите дидаскалии. Едно од ретките излегувања од нивните рамки се случува на самиот почеток, кога атмосферата за првата сцена се поставува преку настапот на една кафанска пејачка. Тука започнуваат добропознатите сцени меѓусебно поврзани преку чинот на насилство извршен од обични луѓе. Од неколкукратното повторување „Да сме живи и здрави!“ во кафеаната и инцидентот во домот на Ацо, преку убиството на најдобриот другар и обидот за силување во возот, до кражбата во последниот автобус, тепачката со маалските силеџии, затворските расправии и патот кон Америка и назад.

Сцената која би требало да го симболизира излегувањето од маѓепсаниот круг на насилството, во оваа изведба беше нејасна и бледа. Па така, наместо очекуваната кулминација со расправијата помеѓу бившите љубовници Евдокија и Мане, овој пат посведочивме емотивно празни реплики, неусогласен мизансцен и само површно „гаснење“ на барутот. Еднакво предвидлив на целото драмско дејство беше и крајот со метафоричните зелени јаболка.

Во оваа основна рамка, ансамблот од Зеница игра сосема очекувано, школски и „по книга“ – како со години да ги играат доделените (или ним слични) прототипни улоги. Иако доста гласен и впечатлив на сцената, единствениот актер од Македонија, Александар Михајловски (како замена на босанскиот колега) не се издвојува од генералниот впечаток на предвидлива игра.

И покрај тоа што се соодветни на избраниот време-простор, музичкиот избор, сценографските и костимографските решенија оставаат впечаток на „веќе видено“. Дополнителен проблем во однос на сценографијата е тоа што монтажните „ѕидови“ оневозможуваа следење на драмското дејство во целост, особено за гледачите кои седеа на првите и последните седишта во гледалиштето.

Генерално, „Буре барут“ изгледа како да е резултат на патувањето на режисерката и ансамблот до 1994та (годината кога Дуковски ја напишал драмата) и назад во 2018. И токму тука лежи мојата најголема дилема. Дали тие намерно одлучиле да направат едно колективно патување со временска машина во 20тиот век за да ни посочат дека тогашните проблеми на Балканот се актуелни и денес? Или пак, оваа постановка е резултат на буквалистичко читање на драмскиот текст?

Веројатно една од култните реплики од „Буре барут“ е најдобар одговор на овие мои прашања: „Она што во светот е инцидент, кај нас е систем“.

Јована Ѓорѓиовска

Have your say