Кон „Брашното во нашите вени“, првонаградена претстава на ИТФ Скупи 2018.
Автор: Игор Штикс, режисер: Борис Лијешевич.
Поставена во 2015 година како копродукција на Stage Mess и ЈУ Воен театар Сартр – Сараево.
Оцена: 4/5.
Што се случува кога трансгенерациската траума не останува на своите првични географски координати, туку се проширува и врз генерациите кои се родени и живеат преку Атлантскиот Океан? Колку долго вреди да се чека за да се отворат незараснатите рани, во пуста надеж за нивно конечно заздравување? Во случајот на Клемент (Мики Трифунов) и Надја (Kaтарина Дорис), 20 години чекање и една долга ноќ исполнета со семејни расправии е цена која ревносно ја плаќаат, секој на својот родово стереотипен начин.
Клемент своите емоции ги чува длабоко во себе, а кога конечно „ќе пукне“, љубовта ја изразува преку расправија и лекции за посветеност кон татковината и домот. Надја, пак, е суптилниот матријарх во домот кој ги држи семејните нишки в раце. Нејзината безнадежна верба дека страдањето има крај уште повеќе го засилува впечатокот на „напатена мајка од Балканот“. Стереотипно е претставена и снаата Хелена (Селма Алиспахиќ), која храбро им пркоси на наметнатите фамилијарни шеми на однесување.
Сепак, централното драмско дејство го носат синовите на Клемент и Надја: Владимир (Изудин Бајровиќ) – најстариот син, наследникот кој ги почитувал сите правила на татка си, сѐ до моментот кога одлучил да ја искористи единствената шанса да побегне од војната во Америка, и Игор (Адмир Гламочак) – воен репортер кој во паричникот носи фотографија од неговото лажно семејство и не одржува никаков контакт со своите родители. Бунтовниот син на Владимир, Давид (Јасенко Пасиќ) е „задолжен“ за комично олеснување на напнатите сцени, сѐ до моментот кога ќе го пронајде возрасниот во себе.
Клопчето од настани кои го дефинирале текот на семејниот живот се одмотува во текот на само една ноќ. Па така наместо свечена вечера каде Клемент и Надја ќе ги дочекаат Владимир, Хелена и Давид од Америка, по 20 години молк на гости доаѓа и Игор (на покана од неговата бивша девојка Хелена). Следуваат низа бурни расправии и импулсивни навраќања кон минати трауми. Претставата брзо преоѓа од воздржана прошетка низ сеќавањата, во изнасилена Балканска комедија, за на крај виорот на траумите да ги зафати сите ликови и да ги натера да се соочат со минатото.
За емотивното празнење да е поголемо, режисерот направил неколку едноставни, но смели одлуки. Публиката седи на двете страни од трпезариската маса, со што индиректно е гостин на фамилијарниот ручек. Наместо непотребна брканица на сцената, мизансценот е сведен на комбинација од неопходни движења и читање на дидаскалиите. Последно, актерите никогаш не ја напуштаат сцената како уште една метафора поврзана со „брашното во нашите вени“. Дури и кога се физички отсутни од фамилијарниот дом, секој од членовите на семејството има силно влијание врз останатите.
На крајот на претставата, во воздухот лебди прашањето: Кој е најдобриот начин за ослободување од брашното, односно траумата? Судејќи според реакциите на публиката, вакви претстави се чекор поблиску кон тоа.
Јована Ѓорѓиовска