„Болница“ е „Чекајќи го Годо“, за сиромашни

...„црна комедија која целосно ja прифаќа и слави немоќта на луѓето да се справат со ситуациите во кои се наоѓаат.“

Кон „Болница“ во режија на Џо Стромгрен и продукција на Џо Стромгрен Компани.

Оцена: 3/5.

Апсурдноста во уметноста не значи дека нештото логички е невозможно, туку дека нештото е невозможно за човекот. Уште со популаризацијата на ова движење во 20-тиот век, литературата и останатите видови на визуелни уметности се обидувале да ја прикажат и воедно критикуваат човековата тенденција да бара смисла во животот и да не успее да ја пронајде, поради нејзиното непостоење.

Во 21виот век пак, театарската трупа на Џо Стромгрен се обидува да воведе „твист“ во ова движење најмногу преку употребата на бесмислен јазик од страна на актерите во комбинација со потемни, политички теми. Тоа ја прави „Болница“, нивното најновото остварување, малку поразлична – еден вид на црна комедија која целосно ja прифаќа и слави немоќта на луѓето да се справат со ситуациите во кои се наоѓаат.

Во болницата се наоѓаат само три сестри, кои немаат пациенти. Пациент всушност, не се појавил долго време во нивната институција, а таа се наоѓа во некоја воена изолирана зона што значи дека тие се оставени сами на себе. Самотијата и немањето на никаков начин да се помине времето си го прави своето, па сестрите измислуваат различни сплетки. Во еден момент, јасно е дека границите на нормалата се одамна преминати.

Тие се повредуваат една со друга, наизменично се лекуваат па и сексуално се задоволуваат така што некогаш тоа доведува и до насилство. Две сестри прават заговори против третата и поавторитативна сестра – се со цел да можат добро да се наспијат. Од тука, целиот тек на претставата содржински можеби делува некохерентно и понекогаш збунувачки зошто на ниедна акција не и претходи рационална причина. Одредени сегменти и избори кои ликовите ги прават се тотално непромислени и делувааат како да се додадени за да изнудат смеа, во дело каде што нема баш толкава причина за хумор.

Јазикот на кој што говорат трите сестри, иако неразбирлив, воопшто не е круцијален за разбирање и сочувствување со ликовите. Изолацијата ги довела до еден вид на лудило каде што секој акт е бегање од реалноста, иако излезот јасно се гледа. Сепак, режијата на Џо Стромгрен остава простор за сомнеж дека нешто фали. Дизајнот на сетот пак, што е исто негово дело, е можеби најсветлата точка со својот минимализам и ефективност во доловување на атмосферата во болницата. Тој претставува одлична платформа за трите актерки кои се неизмерно силни и храбри во својата изведба. Физичкиот театар не е лесен потфат, но нивниот перформанс во исто време успева да биде вознемирувачки, неочекуван и полн со енергија.

Семјуел Бекет како најславниот преставник во театарот на апсурдот можеби би бил пријатно изненаден. Сепак, „Болница“ не е „Чекајќи го Годо“ на 21виот век. Таа не е ни бледа копија, па со отфрлање на генералното чувство на „недопеченост“ и сомнителни содржински избори, трупата на Џо Стромгрен претставува возбудлив додаток во современата театарска сцена.

Петра Бранковска

Have your say