Кон изведбата на „Отело – незаконска литургија“ на Шекспир Битола Фестивал 2018.
Режија: Златко Паковиќ, продукција: Театар Верди – Задар, Хрватска.
Со „Отело –незаконска литургија“, Златко Паковиќ ги врзува се’ уште отворените рани на денешна Европа со таа, историската на Шекспир. Во претставата која е предавање, и предавањето кое е претстава, Паковиќ ја соголува фабулата до коска. Самиот директно учествува во својата претстава, како Хорот. Облечен во касапска престилка, вели: „Секогаш кога се работи Шекспир, облечете престилка, затоа што ќе има крв“.
Низ сопствените реплики (како Хорот) но и тие на Јурај Арас (Отело/Јаго) и Хрвојка Беговиќ (Дездемона), Паковиќ ги влече од текстот стравот од другиот, од новодојденецот, и племенската потреба да се заштити „своето“ од тоа да биде извалкано, обесчестено од него. Приказната е позната: Отело е генерал во Венецијанската војска. Јаго, неговиот аѓутант, е гневен на Отело, бидејќи наместо него, го унапредува Касио. Го убедува Отело дека неговата сопруга Дездемона го измамува со Касио. Отело во напад на бес ја задавува својата сопруга, за потоа, освестен за вистината, да падне на сопствениот меч.
Паковиќ намерно не ја остава публиката да ја гледа приказната на раат. Сцена по сцена, како Хорот, прекинува, прашува, дискутира со публиката и ги насочува актерите. Внимателно ги одбира сцените кои Беговиќ и Арас ги одигруваат само накратко, динамично преминувајќи од една во друга емотивна состојба. Тој самиот, пак паралелно „игра“ и тонски и сценски техничар, заокружувајќи го впечатокот на соголеност на театарот. Токму оваа соголеност, сценска, техничка и наративна, ја чини сржта на неговата интерпретација на Отело.
Страствениот, скоро свештенички став и говор на Паковиќ се сосема соодветни, особено за претстава чија премиера е одржана во Црквата Свети Доминик во Задар. На малата сцена, не случајно главниот фокус е масата припремена за миса. Паковиќ користи и доза на христијанска апологетика во својот пристап, обраќајќи се на публиката повремено како на свои „браќа по Христа“. Така тој потенцирајќи ја простодушноста на Европа, христијанска по уверувањата, но не и по делата, се исмева со неа.
Интимноста на камерната претстава Паковиќ ја претвара во висцерална, непријатна. Од фактите во малиот аудиториум немате каде да се скриете, сцените не можете да не ги гледате. Лицата на актерите брзо се покриваат дебел слој црна боја. Отело, Маврот, Црниот – корумпирачко, странско и страно влијание врз благородништвото. Со бела пак, како некој кој ги носи сите обележја на посвоената татковина, но без никогаш вистински да стане нејзин син. Со црна, Дездемона, осудена на извитоперена љубов, прифаќајќи да биде задавена од еден лудак само и само за да ја докаже својата верност. Со бела боја, како симбол на идеалот на расна, етничка, религиозна чистота, кој тлее кај Венецијанците – идеалот кој таа го предава кога се мажи за Отело. „Мора да умреш бидејќи премногу ја љубеше љубовта невистинита“ – и вели Хорот на Дездемона.
Ако нешто може да се забележи за начинот на кој е поставена претставата, тоа е дека Паковиќ не дозволува во никој момент да заборавите дека се наоѓате на сцена. Меѓу него и дуото актери не недостига координација, но честите прекинувања на сцените меѓу актерите не дозволуваат да се создаде доволно наративна инерција за расплетот да има вистински, емотивен удар. Ова не одзема од гледливоста на останатите сцени, ниту од проникливоста на анализата на Паковиќ. И, најверојатно, е сосема намерно. Паковиќ ја разоткрива завесата на фабулата за да го видиме црнилото во сопствените срца. Тоа можеби не е секогаш магично, но е потребно.
Текст: Атанас Димитров
Фотографии: Стефан Ѓорѓиевски