Оцена: 9/10.
Акција, трилер, драма, романса, мистерија… Во ера на експанзија на играните ТВ серии, кога најголемите продуцентски куќи скоро секојдневно имаат премиера, навистина е тешко да се одржи чекор со сите нови, популарни серии. Некои од нив го оправдуваат фактот дека се тема на дискусија во секој наш социјален круг, а пак некои постепено разочаруваат. Сега, ќе свртиме нова страна на вашата листа од омилени играни серии и ќе додаме ново име: „Куќа на парите“.
„Куќа на парите“ е најгледаната серија на „Нетфликс“ од неанглиско говорно подрачје, надминувајќи ја и „Наркос“ за Пабло Ескобар. Алекс Пина е продуцентот, перфекционистот со комплексно сценарио. Шпанскиот идеолог ги штити бунтовниците, се изразува преку сценариото со надреализмот на највлијателниот сликар од истоимената уметничка гранка. Приказната уште на самиот почеток ќе ве заинтригира, а вие внимателно ќе го слушате „Професорот“ и ќе чекате да ви биде доделена соодветна улога…
„Професорот“ од Мадрид е големиот ум со совршен план за најголемиот грабеж во историјата на светот. Целта на грабежот е фабриката за пари во Шпанија, која никој досега не се осмелил да се обиде да ја ограби. „Професорот“ уверен во својот перфектен план регрутира тим од 8 членови, специјализанти во својата област, од хакер до експерт за перење пари. Тие се во карантин во Толедо каде ќе поминат заедно пет месеци пред планот да стапи на сцена. Нивните имиња се псевдоними со цел да го сокријат вистинскиот идентитет, т.е. имиња на светски градови како Токио, Берлин, Најроби, Денвер, Рио, Москва, Хелсинки и Осло. Планот, иако без маана според професорот, зависи од психичката стабилност на неговите поданици, преплет на карактерни особини, неочекувани љубовни врски, “послушните” заложници и детективката Ракел Муриљо. Нивниот лидер, „Професорот“ ги предводи од контролна соба, а кога тие ќе ги стават маските со ликот на Салвадор Дали, игрите може да започнат.
Во сценариото на „Куќа на парите“ може да најдеме сличности со неколку филмски остварувања како „Враќањето од Шошенк“, „В за Вендета“ и „Професионалецот Леон“. Ова не е критика, напротив, комплимент за одлична комбинација претопена во реализација. Серијата изобилува со силна симболика, најмногу со впечатливата црвена боја. Боја на моќта, односно сите елементи во серијата кои имаат важна улога се во црвена боја. Почнувајќи од облеката на крадците во фабриката, па сè до телефонот на „Професорот“ во контролната соба, симболи на ургенција, владеење, моќ. Освен црвената боја, крадците носат маски од познатиот каталонски сликар, Салвадор Дали. Протагонист, ексцентрик кој предизвикувал очите на јавноста да бидат вперени во него, сликал надреализам со елементи на изненадување и апсурд. Комбинацијата на црвената боја и каталонскиот уметник, односно маската со неговиот лик, веднаш асоцира на бунтовничкиот дух на „В за Вендета“.
Дозата на романса, љубов во „Куќа на парите“ ја прави многу попривлечна и ја оттргнува од стереотипната акциона, трилер серија. Шпанскиот јазик дава посебен шмек, а со тоа следи и целата драма кај карактерите која може да ги отслика самите Шпанци. За крај на овој дел од богатиот репертоар на симболиката, дали некогаш се запрашавте што ќе се случи со Матилда која ќе треба да порасне без својот ангел чувар Леон? Одговорот ќе го добиете во „Куќа на парите“, односно во „Токио“, чиј лик и изглед се инспирирани токму од Матилда.
Сцените и кадрите се динамични, но има и такви во кои фокусот е исклучиво на „Берлин“ или „Професорот“. Двата лика во серијата кои се заслужни за инспиративните говори и се оделуваат како лидери на глутницата. Кастингот е воодушевувачки, одлична алокација на улогите кои ја носат глумата на ново ниво. Музиката на моменти амбиентална, на моменти традиционална шпанска, а како јаготка на шлагот „Бела Чао“, инспиративната неофицијална химна на анти-фашистичкото движење во Италија.
Алекс Пина напишал маестрално сценарио за „Куќа на парите“, но се чувствува конфликтот на улоги помеѓу сценаристот и извршниот продуцент. Во првата сезона има неколку недефинирани, непотребни сцени, без посебно значење за серија во која важи дека секој детаљ е важен. За разлика од првата сезона, втората ја дефинира, усовршува серијата и комплетира сценариото.
Ретки се делата кои ќе манипулираат со вас и кои ќе ве натераат комплетно без сомнеж да сочувствувате со негативците или барем да се запрашате кои се навистина добрите, а кои лошите. Впрочем, како што Мартин Скорсезе си поигрува со психата на гледачот во „Островот Шатер“, така Алекс Пина ќе ве натера да се запрашате за моралниот суд и да изберете страна во „Куќа на парите“.
Забележувате како не можам да престанам да пишувам и наоѓам сè поголема доза на симболика? Така вие ќе го слушате „Професорот“ како да сте дел од планот, а „Куќа на парите“ ќе ви го намали денот и ќе барате час повеќе за уште една епизода. Фантастична серија, за која е најавена трета сезона. Срцето едвај чека да погледне, иако мозокот знае дека ова треба да биде крајот.
Salud!
Филип Мишов