Оцена: 8/10.
Талентот е важен, но дали и пресуден за успех? Музичката драма „Ѕвездата е родена“ е режисерско деби на американскиот актер Бредли Купер и прва главна улога во игран филм за пејачката Лејди Гага во ликот на Али. Сценариото датира од далечната 1937 година, а ова е дури 4-ти римејк на филмското платно.
Џексон Меин (Бредли Купер) е познат кантри музичар кој по својот концерт, во недостаток на алкохол оди до најблискиот бар да продолжи со забава. Во барот се запознава со Рамон кој го предупредува дека вечерта има „Drag Queen“ шоу, но настапува и негова другарка. Џек одлучува да остане и е импресиониран од талентираната Али, која го освојува на прв поглед. Тие двајца по крајот на шоуто се запознаваат и заедно ја поминуваат ноќта, а Џек има авантуристичка понуда за Али да го придружува на неговиот следен концерт. Емотивната Али одлучува да ја прифати поканата, но таа не е свесна дека носи одлука која засекогаш ќе ѝ го промени животот…
Приказната на филмот веднаш ќе ви прирасне за срце и ќе сочувствувате со актерите во нивните музички кариери и животни одисеи. Сценариото е од првата половина на 20 век, но режисерската интерпретација на Купер совршено го прикажува како современо случување. Во последните месеци во САД се актуализира патот до успехот за талентираните уметници, т.е. злоупотребата за цена на шансата. Темата на филмот асоцира со тие тврдења, Али на почетокот го објаснува потценувањето на нејзиниот талент заради изгледот. Купер врши нивелирање со главните ликови кои имаат свои фокус периоди, но сепак нивната љубов и врска покажуваат дека не функционираат самостојно.
Режисерот Купер го толкува и главниот лик, па во редок случај гледаме филм без конфликт на улогите. Бредли целосно се посветил на улогата, тој дури 18 месеци земал приватни часови по пеење за лично да учествува во песните и да го достигне нивото на неговата партнерка. Истото важи и за режисерскиот дел, каде изречито инсистирал и ја избрал Гага поради нејзините вокални способности, истакнувајќи го нејзиниот перформанс во живо како пресуден фактор во изборот за улогата.
Во филмот преовладуваат сцени од преполните концерти на Џексон и Али кои имаат одлична кинематографија. Метју Либетик најчесто користи крупни кадри со кои се истакнува врската на дуото во своите дебитантски улоги, како пејач односно актерка во главна улога. Тие се своја меѓусебна поддршка, а тоа раѓа љубовна кохезија од соништата. Музичката артистка воодушевува во својата прва главна улога во игран филм. Дијаметралната игра на чувства е само дел од нејзиниот богат репертоар. Од музички аспект, секој збор е излишен. Лејди Гага им докажува на двоумниците дека таа е фантастична вокалистка и текстописец со раскошен талент. Песните ќе ви останат во меморијата, многу долго по крајот на филмот.
Прекрасна музичка драма со маестрална музика и убава приказна. Глумата е на највисоко ниво, а трошните недостатоци се невидливи поради одличната соработка на главните актери. Актерот Бредли Купер има четири номинации за „Оскар“, но сега полека му се насмевнува и првата награда со неговото комплетно остварување како режисер и актер.
Филип Мишов