Кон „Ѕвездата е родена“ во режија на Бредли Купер, кинематографија на Метју Либатик, сценарио на Бредли Купер, Ерик Рот и Вил Фетерс.
Оцена: 4/5.
21 ви век е и трендот по носталгијата не запира. Филмската индустрија во Холивуд се чини дека можеби нема повеќе оригинални идеи за сценарија, па медиумите се полни со вести за нови верзии на стари класични филмови. Дури и легендарниот режисер Стивен Спилберг го поддржува овој тренд – тој ќе го донесе класичниот мјузикл „Приказна од западната страна“, преработен во една нова верзија, во кино салите некаде во 2020 година. Дали ова е добра идеја? Голем број филмски фанови би одговориле дефинитивно не – зошто да се преработува класика која е толку влијателна што влегла во историјата на филмот?
Истиот скептицизам важи и за „Ѕвездата е родена“, адаптација која ја има својата четврта верзија на филмското платно, па и одамна направи ѕвезда од Барбра Стрејсенд. Но, постои една карактеристика која овој концепт го прави безвременски – сите верзии се така продуцирани да бидат олицетворение на периодот кога се создадени. За среќа, филмот кој ја имаше премиерата на фестивалот во Венеција оваа година го исполнува тоа, а и многу повеќе.
Супер-ѕвезди, но почетници во своите одбрани ангажмани во филмот – Лејди Гага како актерка во игран филм, а Бредли Купер како режисер, готовиот продукт изгледа како дело на ветерани во тие професии. Светски познатата и ексцентрична „Мајка Чудовиште“ ја игра Ели, скромна и срамежлива девојка со феноменални вокални способности која многу пати е одбивана поради својот физички изглед (факт што е близок до самата пејачка – самата има изјавено дека користи ексцентрична персона за да ги прикрие личните несигурности). Можеби затоа перформансот на Лејди Гага е толку сиров, емоционален и реален, една од најсилните страни на филмот.
Бредли Купер извршува двојна должност – тој е Џексон Мејн, Американска супернова која се бори со класичните пороци на славата како дрога, алкохол, трауми од насилен родител и психичките тегоби да биде чуван од својот брат. Истовремено тој го прави неговото режисерско деби, а целосниот потфат никако не може да не биде за восхит. Не само што актерите имаат одлична хемија туку и во текот на целото времетраење на филмот гледачот останува заинтересиран за нивните карактерни двобои, љубов, караници, но и општествени прашања што го прават филмот ролеркостер од емоции. Самиот социјален аспект го издвојува од останатите верзии – Ели ја гради својата кариера самостојно и покрај протестите на својот сопруг кој полека тоне во пороци.
Режијата на Купер е суптилна и тој многу паметно одбира приказната да ја носат два многу силни лика кои се потпираат еден на друг, како утеха за болката која универзумот им ја нанел. Џек веднаш штом ја запознава Ели ја предизвикува да го изведе текстописецот од неа, а тука доаѓа во игра можеби најважниот сегмент од филмот – музиката. Лејди Гага и Бредли Купер ги изведуваат сите нумери во живо, а музиката е така компонирана да го извади најдоброто од вокалните способности на пејачката и да ја увери публиката дека Ели навистина го заслужува целиот успех на светот кој многу брзо го добива. За жал, сè си има цена, а тоа носи трагични последици за иднината на двајцата љубовници.
Да се направи филм не е лесно, да се глуми и прави филм уште помалку. Кога станува збор за реформулирање на стар концепт да биде социјално резонантен во денешната околина, таа задача станува скоро невозможна. Тоа го прави Бредли Купер вистинската ѕвезда која е родена со премиерата на овој филм, иако режијата не е перфектна, ниту пак кинематографијата користи визуелна естетика како алатка која ја движи содржината. Тој исто така ја прикажува музичката индустрија само низ очите на ликот на Џексон, кој скоро секој момент после успехот на својата сопруга го користи да ја критикува за нејзиниот „комерцијален“ изглед. На крај, филмот е пристапен и длабок како гласот на Бредли Купер исто колку што силно сјае актерската ѕвезда на Лејди Гага.
Петра Бранковска