Кон „Лику – романска приказна“ во режија, кинематографија и монтажа на Ана Димитреску. Звук и музика на Џонатан Босеј и Курцио Доменико.
Оцена: 5/5.
„Јас сум единствениот кој наполни 90 години … продолжувам да живеам сосема сам, со своите спомени“.
Како изгледа осаменоста во која единствени другари се личните предмети кои содржат приказни за едни други времиња? Колку политичко-економската ситуација влијае врз нашата благосостојба, сега и во иднина? Дали е грев да си верник или поголем грев е да ги угнетуваш верниците? „Лику – романска приказна“ е 86 минутен биографски видео есеј кој ја обработува сржта на овие прашања.
Единствениот лик во филмот, а воедно и главниот раскажувач, е 92 годишниот Романец Лику кој нелинеарно прикажува за своето мирно детство, тинејџерските години поминати во војна, напорната инженерска работа за време на комунизмот, преправањето за мртов за спас од куршуми наменети за револуционери и пост-револуционерниот нефункционален систем во Романија. Останатите ликови во приказната на неговиот живот се појавуваат само преку неговите реченици, а предметите во старата куќа овозможуваат достоинствена живописност на кадрите. Тие, иако црно-бели, се мошне ефектни па дополнително ја универзализираат приказната на Лику, иако таа се потпира на специфични историски елементи од романското поднебје како што е владеењето на Чаушеску. Музичката подлога, на моменти енергична и полетна, на моменти смирена и нежна, во чекор ја следи приказната на Лику.
Разгледувајќи ги семејните стебла и фотографиите од летни одмори, тој пред камерата несебично го разголува целиот свој живот, без нималку да задржи за себе како тајна. Прикажува елоквентно и мудро, но апсолутно автентично и природно, како вистинско олицетворение на архетипот на стариот мудрец кој обожава да му раскажува на секој кој би ги слушал неговите приказни. Лику во ниту еден момент не дозволува присуството на камерата да влијае врз неговиот раскажувачки перформанс, па публиката е пренесена во неговата дневна соба и речиси може да ги вкуси кулинарските мајстории кои тој ги подготвил за режисерката.
Готвењето, дрворезот, хранењето гулаби и едно куче скитник кое често доаѓа по храна се главните начини на кои Лику се бори против болката на самотијата. Со негови зборови, тој е „само една изгубена душа во ништавилото“. Токму оваа реченица ја опфаќа суштината на целиот филм. „Лику – романска приказна“ е добро осмислена медитација на тема суштината на сопственото постоење, љубовта кон најблиските, храброста да се живее и покрај сите проблеми и стравови.
Со овој филм, Димитреску покажува дека за филмско дело понекогаш не се потребни многу пари, софистицирана опрема, сензационалистичка приказна. Доволни се еден раскажувач кој топло ќе го пренесе своето животно искуство и режисер кој умешно ќе направи филм од тоа.
Јована Ѓорѓиовска