Во „Брак“ нема место за љубовен триаголник, само за болка

„Емоционален, духовит но понекогаш некохерентен во приказната, „Брак“ е студија на три карактери кои патат од тајни поголеми од нив самите.“

Оцена: 4/5.

Кон „Брак“ во режија на Блерта Зекири, сценарио на Блерта Зекири и Крешник Кека Бериша, кинематографија на Севдије Кастрати.

Животот е комплициран. Балансирање и борба за кариера, семејни интриги и внатрешни демони се секојдневие на просечниот човек. Сепак постојат одредени општествени норми кои служат како „шаблон“ за како нечив животен пат треба да се одвива: работи напорно, најди соодветен партнер, стапи во брачна заедница и имај неколку деца. Рецептот за среќа навидум е толку едноставен. Што се случува пак, кога тие правила не соодвестуваат за дел од населението? Што ако постојат субверзивни луѓе кои можеби сакаат да ја следат истата формула, но не можат поради изборот на истополов партнер? За млада, конзервативна и напатена држава како Косово, тие прашања подобро да се игнорираат. Токму болките предизвикани од тајните копнежи се претставени на еден сиров, помалку суптилен начин во долгометражното деби на Блерта Зекири, „Брак“.

Беким (Албан Укај, совршено ја отелотворува несигурноста на неговиот лик) и Анита (Адриана Матоши, солидна но најмалку блеска) се млад, навидум лудо заљубен пар кој иако се соочува со мрачнина – родителите на девојката се исчезнати во војната од 1999 година- сепак надежно ја планираат својата венчавка. Но таа не знае дека нејзиниот вереник е долги години заљубен во друга личност – маж. Нол (Генц Салиху, изведба која е најсилната алка на филмот – убедлив, емоционален, срцекршечки) е штотуку дојден од Франција со тајна предумисла да го разубеди Беким од правење на грешна одлука. За жал, сѐ што добива за возврат е лажна надеж, страдање и презир кон саканиот кој е опседнат со мислењето на своето контролирачко семејство.

Режијата на Блерта Зекири е фокусирана на ликовите и нивната болка, па камерата често ги следи и најмалите фацијални експресии за максимално емоционално доживување. Таа исто така е доста храбра – Беким е сопственик на пивница, што во муслиманската култура строго се осудува, како и хомосексуалноста. Сепак, постојат одредени сцени кои како да не припаѓаат на филмот. Некаде околу 30-тата минута се појавува ќерката на Анита и Беким, што не придонесува ништо за атмосферата. Непотребното ѕиркање во иднината само ја расипува драмата која следи, па климаксот не е толку ефективен како што има потенцијал да биде. Иако тој избор е лош, постои сцена која ја зацементирува иднината на косовската режисерка како една од побестрашните филмаџии на Балканот. Таа ги руши сите стереотипи и вметнува неколку минутен, страствен, нефилтриран секс помеѓу двајцата мажи што е скандалозно во овие простори.

Емоционален, духовит но понекогаш некохерентен во приказната, „Брак“ е студија на три карактери кои патат од тајни поголеми од нив самите. Официјален кандидат кој ќе го претставува Косово на 91-те Оскари, Блерта Зекири е револуционер не само како жена позади филмската камера, туку и како човек кој допрел до една затворена заедница.

Петра Бранковска

Have your say