Кон „Викај ме Тони“ во режија на Клаудиуш Хростовски и кинематографија на Микал Лука.
Оцена: 4.5/5.
Животот на еден типичен 18 годишен тинејџер е навидум едноставен. Сè што треба е да учи за матурски испити, да одлучи за својата иднина преку изборот на соодветно образование, да биде добар во спорт/уметност за да има одобрување од своите врсници и да ги направи своите родители горди со сите свои животни одлуки. Ваквите притисоци кои се наметнати на едвај возрасни луѓе се сè почеста причина за развивање криза на личноста и создавање сомнеж во вредноста на еден човек. Долгометражното првенче на младиот полски режисер Клаудиуш Хростовски се фокусира на Конрад Сервотка – кроток и малку повлечен млад човек кој во обид да биде забележан се угледува на неговите омилени акциони ѕвезди во Холивуд. Тој најмногу му се восхитува на Тони Монтана, ликот од култниот „Скарфејс“ што е доста предвидливо за лице кое бара постојано одобрување. Тони е моќен, бескруполозен и авторитетен, сè што Конрад не е.
Борејќи се за внимание од неговиот отсутен татко, Конрад е надежен бодибилдер. Тој ја става оваа обврска пред сè останато, иако истовремено се обидува да биде добар студент и да има некаков социјален живот. Начинот на кој што Конрад говори за ситуациите во кои се наоѓа е смирен, едноличен и многу меланхоничен. Камерата го следи секое негово движење и внимателно посочува токму на најемотивните моменти – кога нема да успее да се пласира, да добие поддршка од татко му ниту пак да ја положи матурата. Сепак, работите никако не одат во негов прилог и сè што го следи понатаму е разочарување. Оваа серија на неуспеси го доведува веќе несигурниот протагонист да западне во тешка депресија и егзистенцијална криза која е проследена со музички минимализам кој само го засилува психичкиот набој. Во сцените каде тој се отсекува од реалноста, посегнува по цигари и други пороци користени се бледи и жолтеникави бои кои уште повеќе придонесуваат кон чувство на загушување. Дали по серија на одбивања и неуспеси, Конрад ќе може да застане на нозе повторно?
За документарен филм кој трае 62 минути, „Викај ме Тони“ успева да прикаже цела палета адолесцентни чувства. Желба, гнев, разочарување, но и надеж се испреплетени во кохезивна приказна која со помош на фокусот на камерата во Конрад и неговите движења придонесува кон сочувство и разбирање. Голем удел во креирање на атмосферата околу психичката состојба на Конрад има и локацијата. Целото дејствие е сместено во мал, рударски град во јужна Полска каде што кинематограферот целосно го опфаќа чувството на изолација и гушење во мало место кое не придонесува за развојот на младите. Музиката само го засилува внатрешниот конфликт на Конрад.
Приказната на протагонистот не е во никој случај непозната. Во време на брз живот кој се мери по некои измислени степени на достигнувања, младите се почесто се под притисок да бидат некоја изобличена верзија од себе си за сметка на своите вистински желби и битие. Останува само едно прашање: Што ќе направиме околу тоа?
Петра Бранковска