Кон „Веном“ во режија на Рубен Флejшер, кинематографија на Метју Либатик, музика на Лудвиг Горансон.
Оцена: 1/5.
Кристофер Нолан во веќе култниот „Почеток“ го популизира влијанието и моќта на една идеја. Таа е заразна и не го напушта носителот долго време, сè додека не ја истражи доволно. Можеби не треба да е чудно што во денешната клима на најмалку 5 филмови со супер-херои годишно се јавила токму идејата за продуцирање на филм како „Веном“. Всушност, под знак прашалник е тоа како една толку „амбициозна“ идеја која се однесува на класичен антагонист на популарниот Човек-Пајак може да опстане без карактеристиките кои го дефинираат ликот во стриповите? Одговорот по проекцијата на филмот е никако.
Класифициран како акционен филм, „Веном“ во прости зборови е некохезивен, приказната нема смисла, а дупките во логиката на сценариото се толку големи што самиот режисер има изјавено дека „Жртви мора да се направат“. Дали тие жртви вределе? Дефинитивно не.
Приказната се одвива околу Еди Брок (Том Харди, бизарен) страствен, но брзоплет новинар кој останува без работа и без свршеницата Ен (Мишел Вилијамс во тотално неблагодарна улога) во обидот да го разоткрие лидерот на една технолошка компанија (Риз Ахмед) како човек кој е одговорен за смртта на над 100 бездомници. Истиот тој човек, Карлтон Дрејк, увезува вонземски симбиоти за потребата на проектот чија главна цел е да им овозможи на луѓето способност за живот надвор од Земјината топка. Токму тој симбиот го наоѓа својот пат до Еди како тело за кохабитација и ако досега содржината течела бавно со експозиција која не предизвикува никакви чувства на заинтересираност кон ликовите, од тука владее комплетен хаос.
Том Харди го игра Еди како дел невротик налик Вуди Ален (од кој актерот црпел инспирација), а дел насилен и тотално негрижлив партнер што смета дека моралниот компас (тоа што тој смета дека тоа претставува барем) е единственото важно нешто. Тој некохезивен хаос на карактер е толку лошо изведен што голем број од постапките што Еди ги прави изгледаат смешно и глупаво. Згора на сè, Том Харди и Мишел Вилијамс немаат никаква хемија, па секоја нивна интеракција е форсирана. Самата Ен е толку слаб и недопишан лик кој служи само како „згодната девојка која става фластери кога треба“, а единствените драматични моменти во филмот изгледаат неуверливо и комично, како да не припаѓаат таму. Тоа само го цементира огромниот проблем што модерниот Холивуд го има – креирање на толку слаби женски ликови кои начелно постојат како базични и еднолични љубовни интереси.
Дали барем дел од филмот можел да биде „спасен“ со техничка супериорност? Можеби, но тука тоа не е случајот. Музиката на Лудвиг Горансон е толку гласна што дава впечаток дека се обидува да го одвлече гледачот од оние делови на содржината кои немаат смисла. Кинематографијата не се истакнува во ниеден сегмент и дава огромен простор на специјални ефекти кои се дават во својата просечност и беспотребност. Сепак, во целата оваа негативност има мала светла точка – мачката која ја делат Ен и Еди која успева на моменти да даде илузија на топлина и љубов во нивното домаќинство.
Дали кариерата на Том Харди ќе биде погодена од ова остварување? Шансите се мали. Со милионски успех во кино благајните, овој обид за филм дава зелено светло за продукција на филмови од истиот калибар што со себе ги понесуваат дури и најдобрите актери на својата генерација. Тажно, но вистинито.
Петра Бранковска