„Транзит“ – Неуверлива транзиција надополнета со ранлива, емотивна човечка приказна

„Убавата кинематографија го води филмот, ја надополнува глумата, сцените вдахнуваат светлина, но режисерот беспотребно го развлекува и толчи патешествието на главниот лик.“

Оцена: 5.5/10

„Транзит“ е современа филмска драма/трилер адаптација од истоимената новела („Транзит Виза“ – 1942 година) на германската писателка со еврејско потекло, Ана Сегерс. Германскиот режисер Кристијан Пецолд 76 години подоцна се обидува да ја соедини историјата со сегашноста, користејќи ја новелата како своевидно сценарио, притоа давајќи свој печат. „Транзит“ беше во потесниот избор за „Златна мечка“ на овогодинешниот фестивал во Берлин за најдобар филм. Германецот Пецолд ја има освоено наградата „Сребрена мечка“ во 2012 година за најдобар режисер со филмот „Барбара“ и бележи други три номинации и две награди на „Берлинале“.

Германските окупациски сили полека навлегуваат во Франција, се доближуваат до престолнината Париз и пристанишниот Марсеј. Жорж, кој го толкува актерот Франц Роговски, седи во кафуле со неговиот пријател кој му дава примамлива понуда на протагонистот да однесе мистериозно писмо до хотелска соба за одредена сума на пари. Тој тргнува да ја изврши тајната задача кога дознава дека всушност примачот на пратката е мртов. Во време на криза, кога Германија нацистички окупира град по град, Жорж во последен момент успева да го напушти Париз со оставината на писателот Вајдл која се состои од документи и необјавена книга. На патот кон Марсеј, Жорж открива дека има шанса да ја напушти Франција со транзит визата на писателот Вајдл и да пребега во сончевото Мексико. Сепак, тоа не е воопшто едноставен процес да ја убеди мексиканската амбасада во лажниот идентитет и притоа главниот лик дознава дека писателот Вајдл има вљубеничка која го чека во Марсеј за заедно да ја напуштат земјата. Жорж го копка приказната и лесно заљубливиот карактер на убавата Мари…

Секој обид, во кое било поле од животот да се направи адаптација од минатото во сегашноста е тежок, а посебно тоа важи за вакво филмско остварување во кое режисерот има навидум интересна идеја, но потфрла во транзицијата односно реализацијата. Режисерот Пецолд се обидува во современа Франција да ја наметне приказната од Втората Светска војна за окупацијата на Германија. На самиот почеток тоа изгледа чудно, тешко за варење, нејасно, но како тече приказната во филмот ве водат живописните слики и сцени на убавиот Марсеј. Улогата на кинематограферот во приказната е повеќе од видлива, малото, но уникатно ресторанче во градот е епицентарот на отплеткување на клопчето на сите дилеми и проблеми кои ги имаат ликовите во филмот.

Сцените кои се снимани во ова место се најубавите делови од филмот, точно избран статичен кадар и агол, каде веднаш се забележува таа врска, конекција на Жорж со Мари преку стаклото, како бариера создадена од недоволна храброст,  на почетокот во нивното запознавање. Освен овој сегмент, вредна е да се напомене и споредната кратка приказна во филмот, односно уживањето на главниот лик преку музиката и потсетувањето на детството преку игрите со малиот Дрис. Музиката е од класичен жанр, на моменти тензична за неизвесноста во приказната, а пијаното е присутно низ целиот филм.

Локациите на кои е снимен филмот, сончевите улички на Париз и Марсеј им даваат живот на сцените, бегалскиот живот на Жорж. Најголемиот дел од нив се во сончеви периоди, а тоа може да се протолкува  како надеж за главниот лик, метафора дека светлината значи шанса да замине во подобар живот кон друг континент. Актерската екипа сосема солидно се носи со своите улоги и го подигнува квалитетот на филмот. Глумецот Франц Роговски ја има улогата на Жорж кој на моменти изгледа избезумено од целиот хаос, но се истакнува и неговата кревка, емотивна страна. Мари е љубовта на животот на писателот Вајдл, односно актерката Паула Бир дава заводлива слика за жената која е во исчекување, но не оддолева на вниманието од другите мажи и убедена е во своите верувања.

„Транзит“ е интересна замисла, која добива лош производ. Режисерот доколку сакал да ја наметне историската приказна во современа Франција, морал барем мал дел да измени или тоа да го адаптира со ситни примеси на минатото за да биде појасно, поприфатливо за публиката. Убавата кинематографија го води филмот, ја надополнува глумата, сцените вдахнуваат светлина, но режисерот беспотребно го развлекува и толчи патешествието на главниот лик. На момент се добива чувство дека филмот е предолг, иако има коректно времетраење од час и 40 минути. Севкупно, филмот не буди интерес да биде гледан неколку пати, туку дава впечаток дека е од оние во кои се обидувате да пополните време во денот.

Филип Мишов

Have your say