Кон „Контраофанзива“ во режија и сценарио на Јаков Нола, кинематографија на Невен Муретиќ.
Оцена: 3/5
„Човеку, 21-ви век сме“ е една од почестите реченици кои либералните млади луѓе ги користат за да осудат други врсници на Балканот. И покрај влијанието на Западот каде социјалните политики се далеку поразвиени, во земјите од поранешна Југославија сè уште се чувствува срам од неколку теми: сексуално ослободување на жените, ЛГБТ прашања и отфрлање на традиционален, нормализиран, сексизам и шовинизам.
Во ова второ краткометражно остварување на младиот Јаков Нола, истите табуа се обработени од перспектива на двајца студенти кои како да не ја разбираат токсичната машкост која ја емитираат. Причината за тоа – општествениот притисок и личната несигурност.
Компактно спакувана во 19 минути, приказната ги следи Роко (Роко Сликавица) и Јосип (Паско Вукасовиќ), просечни млади момци кои уживаат во ноќ придружена со алкохол и турбофолк музика. Разочарани од тоа што не можат да најдат убави девојки, тие се враќаат во станот на Роко каде огорчено пијат, конзумираат кокаин и зборуваат за жените на најтрадиционален манир. Страстите и говорот на омраза се засилуваат кога цимерката на Роко, која тој потајно ја сака, носи дома љубовник.
Едноставна, но многу важна приказна. Ликовите на студентите се креирани да носат во себе по некоја карактеристика на традиционалните млади мажи на Балканот – поттикнати од патријархално општество и страв од одбивање, тие развиваат токсична машкост. Што значи тоа? Тоа се луѓе кои даваат супериорно значење на маскулинитетот на најтрадиционален начин. Единствената одбрана што ја имаат е развивање јазик полн со омраза кон жените само затоа што се слободни да изберат еден, па и повеќе партнери. Самиот Роко дури и се чувствува засрамено од љубовта кон цимерката – само затоа што Јосип непрекинато го труе дека не е правилно да си заљубен во „промискуитетна жена“ која во станот донела повеќе од еден маж.
Изведбата на младите актери – земајќи ја предвид материјата – е доста солидна и успеваат да го доловат тој очај и страв што ги натерал да се обратат кон омраза. Сепак, најголемиот подвиг е суптилната режија на Јаков Нола кој успева да создаде атмосфера каде омразата започнува да се шири навидум безопасно за на крај да достигне и насилна кулминација.
Филмот е несомнено храбар потег како социјален коментар, иако не носи традиционални заклучоци. Доволно е што камерата ги следи двете несигурни лица на млади пријатели кои иако се грижат еден за друг, се чувствува дека не можат многу да си помогнат освен ако сами не се освестат. Тоа е важна порака и за сите мажи во светот – жените нема да ве изедат, ако бидете искрени сами со себе.
Петра Бранковска